Давид Санчез, човекот кој беше одговорен за дизајнот и развојот на болидите на Ферари последните две сезони, си заминал од тимот по повеќе од 10 години и ќе се врати во својот стар тим, Мекларен, јавуваат повеќе специјализирани Ф1 медиуми.
Французинот Санчез, кој пристигна во Ферари од Мекларен во октомври 2012 како експерт за аеродинамика, во 2016 година го замени Дирк де Бер како шеф на аеродинамика, за во 2019 година да биде промовиран во главен инженер одговорен за концептот на болидите, работејќи на минатогодишниот Ф1-75 болид и актуелниот СФ-23 болид. Тој беше еден од клучните луѓе во тимот под претходниот шеф Матија Биното.
Тајмингот на заминувањето на Санчез доаѓа во незгоден момент за Ферари, кои на првата трка од сезоната во Бахреин се покажаа како далеку од првиот ривал, Ред бул рејсинг.