
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, е уапсен денеска под сомнение за земање мито, дознава 24инфо.
Акцијата ја спроведе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во соработка со истражителите од Истражниот центар при ОЈО ГОКК и екипи на Министерството за внатрешни работи.
Според првичните информации, биле извршени претреси на повеќе локации низ земјата поради основани сомневања за коруптивни активности. Попладнево, тимови од Управата за финансиска полиција, МВР и истражители влегле во просториите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Екипата на 24инфо беше на лице место и забележа како директорот Стоилев беше изнесен од зградата од страна на екипа на МВР.
Неофицијално, акцијата е поврзана со пријава дека Стоилев побарал и примил мито од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. По пријавата во МВР, на апликантот му биле дадени обележани банкноти, со чија помош директорот бил фатен „ин флагранте“ при земањето на парите.
Според информациите на 24инфо, апликантот кој го пријавил случајот и учествувал во акцијата е поранешен министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Илија Стоилев, роден во 1967 година во Свети Николе, беше именуван за директор на Агенцијата во јули 2024 година. По образование е дипломиран земјоделски инженер, отсек сточарство. Работел како професор на Земјоделскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Во минатото бил претседател на Советот на Општина Свети Николе во два мандата, директор на Народниот музеј во градот, раководител на подрачна единица на Министерството за земјоделство, како и претседател на Комисијата за воведување и предавање во владение на договори за закуп на земјоделско земјиште.



