Кина одби да му дозволи на американскиот државен секретар Ентони Блинкен да го посети Пекинг, наведувајќи дека официјален Пекинг не е подготвен повторно да ја организира посетата на Блинкен, откако американскиот министер за надворешни работи ненадејно ја откажа посетата на Кина во февруари, пишува „Фајненшл тајмс“.
Блинкен на почетокот на неделава рече дека посетата на Кина ќе се случи „кога ќе има соодветни услови“ и додаде дека целта не е ниту да се задржи Кина ниту да се вклучи во нова студена војна.
Во извештајот на „Фајненшл тајмс“ се тврди дека кинеските власти се загрижени дека администрацијата на Бајден може да објави извештај на ФБИ за соборениот кинески балон, со физички докази и дека наодите би можеле да бидат објавени за време на посетата на Блинкен на Кина, пренесува Ројтерс.
ФБИ и Националниот совет за безбедност одбија да кажат дали резултатите од истрагата ќе бидат јавно објавени, јави Танјуг.
Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг го покрена ова прашање со Американците кои присуствуваа на Форумот за развој на Кина во Пекинг минатиот месец, потврдија три лица запознаени со настанот.
Чин ја опиша истрагата на ФБИ како уште еден проблем што го отежнува стабилизирањето на односите меѓу САД и Кина.
Прашањето предизвика поделеност во администрацијата на Бајден, при што некои официјални лица се залагаат доказите да бидат декласифицирани и јавно објавени за да докажат дека балонот вршел извидување, според „Фајненшл тајмс“.