
Додека Владата и ВМРО-ДПМНЕ се обидува невешто да ги негираат информациите за мигранти, британските медиуми се сè погласни и веќе ја најавуваат Македонија како следна дестинација за одбиените азиланти од Обединетото Кралство.
Во отсуство на конкретни информации и детали во јавноста расте сомнежот, дали државата е веќе ставена пред свршен чин за 6 милијарди евра и какви ќе бидат последиците доколку Македонија стане хаб на мигранти.
И домашните медиуми и јавноста се сведоци колку тајно власта ги држеше деталите од потпишаното стратешкото партнерство со Британија. По потпишувањето во мај годинава, до ден денес ниту еден документ не е објавен во јавноста.
И тогаш британските медиуми ја објавија веста за можната изградба на мигрантски кампови.
Она што уште повеќе загрижува се дебатите на британските медиуми кои веќе зборуваат за целосна интеграција на одбиените азиланти од Обединетото Кралство во нашата држава.
Односно, да се интегрираат на пазарот на труд како работна сила, која, како што британските аналитичари велат, ѝ недостига на Македонија.
Се поставува прашањето, дали цената за шестте милијарди евра задолжување од Британија е тоа Македонија да стане „нов центар“ за сместување мигранти?
Ако се има предвид фактот кој го посочуваат британските медиуми а тоа е дека мигрантите кои би се испраќале во Македонија ќе бидат оние кои не добиле азил во Велика Британија најчесто поради криминално досие или се соработници на тамошните режими, тогаш ризиците за нашата држава се големи-од зголемување на криминалот и создавање паралелни заедници, разнишана безбедност, до сериозни социјални тензии.
Искуства со мигранти на други држави
Искуствата на неколку европски земји покажуваат дека големи миграциски бранови можат да создадат сериозни општествени тензии.
Застрашувачки се стапките на раст на криминал, насилство и тензии во дел од европските земји кои ги отворија вратите за мигранти.
Според истражувањата на меѓународното научно списание „European Economic Review“, по доаѓањето на 400.000 мигранти во Франција во 2015 година значително се пораснати терористичките напади. За 57% има пораст на апсења во централниот дел на Париз поради банди и дрога.
Во Грција и Италија состојбите се уште поалармантни. На островот Лезбос, со доаѓањето на над 100.000 мигранти и отворањето на кампови во 2015 година, стапката на кражби и насилства е порасната за 2,5%. Студиите покажуваат дека во камповите се случувало хаос, со напади врз жени и насилства.
Овие примери покажуваат како брзите приливи на мигранти, без план за интеграција, доведуваат до хаос во државата- криминалот расте, особено меѓу млади мажи без работа, а земјите реагираат со лоши практики како надворешно „извлекување“ од границите или занемарување на депортациите.
Европската Унија троши милијарди на социјална помош, но без решавање на коренот, како што се безбедни патишта за миграција.
Стравувањата на македонските граѓани се оправдани – како држава која се соочува со ограничени ресурси, со нефункционални институции, со висока стапка на корупција и криминал, а без јасен план за интеграција, ќе ризикува да се најде среде миграциски бран, што многу посилни европски земји не успеаја да го контролираат.
Прашањето е јасно, дали Македонија е подготвена да плати цена што не може да ја издржи?


