
Според „Њујорк тајмс“, европските лидери се поканети да учествуваат на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, што ќе се одржи во Белата куќа во понеделник.
Ова ќе биде прво враќање на Зеленски во Белата куќа по жестоката расправија со Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс во февруари. Зеленски рече дека ќе разговара за следните чекори во Вашингтон, додека европските сојузници на Киев ги поздравуваат напорите на Трамп, но нагласуваат дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да ги заоструваат санкциите кон Русија, и бараат безбедносни гаранции за Украина од Соединетите Американски Држави.
Да потсетиме, претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се сретнаа синоќа во Алјаска.
Тие разговараа околу три часа, а потоа се обратија до јавноста. Не постигнаа договор за прекин на огнот, но двајцата нагласија дека сакаат војната да заврши и дека сега се на добар пат тоа да се случи.