Утрински Весник
Македонија

Европскиот филм наредните денови на програмата на 8. издание на „Филмскиот фестивал на плажа“

20250722125733 big 730x400 74.webp.webp

Повеќе од 60 проекции на најнови европски филмски остварувања се на програмата на осмото по ред издание на „Филмскиот фестивал на плажа“ што од денес до 27 овој месец ќе се одржува во Охрид.

Проекциите на филмовите се предвидени на четири актрактивни локации, на главното отворено кино на плажата „Славија“, култната плажа „Сараиште“, на бродот „Армада“ и во Младинскиот центар во Охрид.


Отворањето на фестивалот е закажано за утре вечер, со проекција под отворено небо на плажата Славија – почеток на петдневна филмска авантура покрај езерото. Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм. За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија). Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески, информираат организаторите.

„Beach Film Festival“ не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката.

Фестивалот се одржува со поддршка на Агенцијата за филм, Општина Охрид, Шпанската амбасада во земјава, „Гете“ институтот, Францускииот институт, Италијанска амбасада…

Манифестацијата годинава е со хуманитарен предзнак, сите средства од продадените билети и доброволните донации ќе бидат донирани на семејствата на загинатите и настраданите во пожарот во Кочани.

Можете да прочитате

Пожар на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце

Објавен е конкурсот за годишната награда „Илија Жупаноски“ за новинари, граѓански организации и поединци за справувањето со дезинформациите

Штети од милиони евра по пожарот во паркот Езерани