Утрински Весник
Македонија

Европратениците ќе дебатираат по Предлог-извештајот на Вајц за земјава 

Evroparlament.webp.webp

Европскиот парламент ја повторува својата целосна поддршка на континуираната и доследна посветеност на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ и на потребните трансформативни промени што се потребни за исполнување на критериумите за пристапување, ја пофалува посветеноста на земјата на европската интеграција и ги охрабрува континуираните напори за унапредување на реформите усогласени со ЕУ и покрај предизвиците и неуспесите што го тестираа трпението и довербата на македонското општество, се наведува во Предлог-извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц по извештаите на Европската комисија за земјава за 2023 и 2024 година, за кој денеска ќе дебатираат членовите на ЕП во рамки на овонеделната сесија во Стразбур.   

Во документот се посочува дека земјава има статус на кандидат за членство ЕУ од 2005 година, дека успешно го заврши скрининг процесот во декември 2023 година и дека аспирациите на граѓаните за приклучување кон Унијата доведоа до напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, но сепак процесот на пристапување и натаму за жал се соочува со одложувања од различни причини. 


– (ЕП) подвлекува дека пристапувањето кон ЕУ останува прашање на политичка волја во исполнувањето на критериумите и спроведувањето на преземените обврски, во однос на имплементирањето на потребните реформи и усвојувањето на уставните амандмани, се вели во Предлог-извештајот, при што се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на интеграција во ЕУ. 

Во документот се наведува дека согласно своите обврски од заклучоците на Советот од јули 2022 година, земјава „треба да ги спроведе уставните измени за да може веднаш да заврши почетната фаза на пристапните преговори“, како и дека македонските власти „предложиле решенија за уставни промени кои не ги исполнуваат условите од заклучоците на Советот од јули 2022 година“. 

Во точката К од документот се посочува дека Советот „не го исклучи недвосмислено поставувањето на понатамошни нови услови за започнување на пристапните преговори“, па во членот 3 европратениците го повикуваат Европскиот совет „јавно и недвосмислено да сигнализира дека Советот има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за преминување во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија откако ќе бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет…“. 

На овој член 3 е поднесен заеднички амандман предложен од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кој се предлага бришење на делот од текстот: „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет…“.  

Во продолжение на членот 3 се додава дека ЕП ги охрабрува сите политички партии во земјава да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за уставните амандмани, што „би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзал нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, при што се нагласува дека зајакнувањето на врските меѓу различните етнички заедници е „од суштинско значење за подобрување на социјалната кохезија и обезбедување поефикасно управување“ и се повикуваат земјите членки, Советот и Комисијата да ја заштитат предвидливоста и кредибилитетот на процесот на пристапување, со цел да се одржи големата поддршка за пристапување во земјите од опфатени со процесот на проширување. Во точката Л од предлог извештајот се потсетува дека „ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“, но со заеднички амандман предложен од Халицки, Ван Бремпт и Барна во име на нивните групи се предлага целосно бришење на оваа точка.  

За разлика од нив, Вајц предлага останување на точката Л и додавање на нова точка Л-а која би гласела: „со оглед на тоа што прашањата за јазикот, идентитетот и културата се по природа чувствителни, особено во контексти што вклучуваат сложени историски наративи и нови независни држави“.  

– (ЕП) ја поздравува посветеноста на македонскиот народ на интеграцијата во ЕУ и поддршката што тој ја покажува на овој проект две децении од почетокот на процесот; ја повикува Комисијата да направи се што е можно за да им помогне на властите на Северна Македонија да ги остварат потребните чекори пред да влезат во следната фаза на преговорите, како и понатаму во процесот на преговори, за да помогне во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и земјата и да ги почувствуваат сите мерки од постепена интеграција во структурите на ЕУ, со што ќе се зголеми довербата во ЕУ и нејзините демократски вредности, се наведува во Извештајот. 

Во документот се потсетува и дека процесот на пристапување не треба да се користи за решавање на билатерални спорови, да се попречува напредокот на европскиот пат заснован на заслуги или да се потиснуваат пошироките стратешки интереси на Унијата, туку таквите спорови мора да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка.  

– Пристапните преговори треба да следат јасен пат, воден од објективни критериуми и единствено врз основа на заслуги и исполнување на критериумите за пристапување (Копенхашките критериуми), кои бараат длабински реформи во фундаменталните области, како и присуство на стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата, се додава во документот. 

Во членот 7 од извештајот ЕП „ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството и уставниот поредок на нацијата, но и од европските вредности, забележува дека европските институции, во извештаите за земјите и официјалните документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор и потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“. 

Но, и на овој член европратениците Халицки, Ван Бремпт и Барна во име на нивните групи предлагаат амандман за бришење на делот од почетокот до зборовите „Преспанскиот договор“, со што би останал само последниот дел по од зборовите „потврдува дека почитувањето…“. 

Вајц, од своја страна, предлага и вметнување нов член 7-а, кој гласи: „Го признава постоењето на различните толкувања во врска со потеклото на македонскиот јазик и идентитет; нагласува дека извештајот нема за цел да прејудицира или да го ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак таквите толкувања влијаат врз проценката на Парламентот за напредокот на Северна Македонија кон пристапувањето во ЕУ, кој останува заснован на Копенхашките критериуми и принципите на добрососедски односи, и во согласност со критериумите договорени во заклучоците на Советот од јули 2022 година“.  

Во документот европратениците ги повторуваат своите повици за подобрување на капацитетот за дејствување на ЕУ преку реформа на начинот на донесување одлуки, вклучително и преку воведување на гласање со квалификувано мнозинство за чекорите во пристапниот процес, особено за старт на преговорите и отворањето и затворањето на преговарачките кластери и поглавја. 

– (ЕП) го поздравува новиот Инструмент за реформи и раст за Западниот Балкан, кој ќе обезбеди 750 милиони евра во грантови и заеми за Северна Македонија кога таа ќе ги исполни условите утврдени во нејзината Реформска агенда и во овој контекст, ја поздравува одличната и амбициозна Реформска агенда, која поставува јасни, транспарентни цели и задачи, и ги повикува властите да се фокусираат на нејзино ригорозно спроведување, се вели во Извештајот. 

Во тој контекст се повикува земјата да ги интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и судската независност, вклучително и при назначувањето на судии и функционирањето на Судскиот совет, за борба против корупцијата, за реформирање на јавната администрација и подобрување на транспарентноста и концентрацијата на сопственост на медиумите и се охрабрува понатамошното спроведување на системски мерки за обезбедување транспарентност и ефикасност во управувањето. 

Во документот се нотираат средствата што ги добива земјата од одделни членки на ЕУ и добрата соработка со нив, но сепак се „предупредува на зајакнување на сојузите со нелибералните режими“. 

ЕП во извештајот „изразува длабока тага и искрена солидарност по трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани“, ја поздравува брзата активација на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и помошта што ја обезбедија членките на ЕУ за спасување на што е можно повеќе животи и ги пофалува соседните земји и државите од ЕУ, особено Грција и Бугарија, за непосредната поддршка и солидарност што ја покажаа и медицинскиот третман што им го обезбедија на жртвите. 

Во извештајот се нагласува дека земјава како партнер усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, во огромното мнозинство случаи одигра конструктивна улога во регионот, но дека воздржување од поддршка на Резолуцијата ЕС-11/7 на Генералното собрание на ОН од 24 февруари 2025 година за Украина и коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од САД „укажува на неочекуван и жален пресврт во нејзиното усогласување на надворешната политика“. 

Документот посочува и дека во услови на геополитичките промени и војната во Украина, кога дезинформациите и погрешните информации имаат силно влијание врз сите европски земји, и политички и економски, и државава останува цел на „операции со странско злонамерно влијание, вклучително и напорите за разбивање на општественото ткиво на земјата и претворање во оружје на анти-ЕУ расположението, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и имаат значително влијание“. 

Дополнително се изразува загриженост затоа што „некои претставници на Владата“ го застапуваат и промовираат т.н. проект „српски свет“ и се осудува „учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“, а се „потсетува на потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС)“, како начин за „справување со тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западниот Балкан“.

Во документот се нагласува и дека секоја земја кандидат за членство „се очекува да ги почитува демократските вредности, владеењето на правото и човековите права и да се придржува до правото на ЕУ“, па се повикува на обезбедување на функционални демократски институции, медиумски слободи и спречување на говорот на омраза, почитување на основните и малцинските права, продолжување на социо-еконмските реформи, енергетското и транспортно поврзување и заштита на животната средина и биодиверизитетот.  

На Предлог-извештајот се поднесени вкупно 28 амандмани, меѓу кои покрај веќе споменатите, се и оние на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од редовите на групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), кој предлага три амандмани со кои се предвидува вметнување на зборот „современ“ пред „македонски јазик и идентитет“ во точката Л и членовите 3 и 7. Покрај ова, Валчев има поднесено и амандмани за вметнување на протоколите од Договорот за добрососедство во извештајот, за „изнаоѓање заедничка наратив за заедничката историја“ и за „заштита на припадниците на бугарското малцинство во земја. 

Грчки европратеници, пак, бараат вметнување на содржини за почитување на „суверенитетот, уставниот идентитет и културното наследство на постојните земји членки“ на ЕУ, запирање на „говорот на омраза кон земјите членки кои се нејзини соседи, особено Грција и Бугарија“ и осуда на „службената злоупотреба на името „Македонија“ од страна на владини претставници“ на земјава, потоа замена на „македонска“ или „македонски“ со „на Северна Македонија“ и „национално наследство“ со „државно наследство“, како и покрај Коридорот 8, наведување и на Коридорот 10 во делот за транспортната поврзаност. 

Француската европратеничка Сара Кнафо и нејзиниот германски колега Александер Сел од екстремно десничарската група Европа на суверени нации предлагаат член 85-а кој би гласел „Се спротивставува на пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија“. 

Кон Предлог-извештајот е придодадено и т.н. „Малцинско мислење“, предложено од бугарскиот европратник Валчев, кое гласи: „Македонија како историски и географски регион е богата таписерија од култури, идентитети и јазици. Референцата „македонски идентитет“ треба да се сфати строго и единствено во неговиот современ контекст на идентитетот на луѓето кои имаат чувство на припадност кон одредена група. Таа е формирана како процес за обликување на посебен национален идентитет преку сложен и долгорочен напор за градење на нацијата. 

Секое упатување на „македонскиот јазик“, кој е признаен од Европската Унија преку Преговарачката рамка, мора да се прифати без да се наруши едностраната бугарска декларација за официјалниот јазик на Република Северна Македонија од 18 јули 2022 година и во никој случај не смее да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија или од страна на бугарските пратеници во Европскиот парламент на „македонскиот јазик“. 

Вклучувањето на т.н. „Малцинско мислење“ кон Извештајот, бугарските европратеници го најавија по усвојувањето на предлог-текстот на документот од страна на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) на 24 јуни годинава со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“. 

Инаку, Предлог-извештајот е пропратен и со „Објаснувачка изјава“ на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава, во која се наведува дека со документот имам за цел да обезбеди избалансирана проценка на сложениот политички контекст во земјава, истовремено повикувајќи ги политичките засегнати страни во државата да ги унапредат реформите и да ги почитуваат минатите договори, а институциите на ЕУ и земјите членки да спречат идни билатерални блокади и на земјата да и ги обезбедат потребните гаранции и соодветната поддршка. 

– Со успешното спроведување на Охридскиот рамковен договор (2001 година), земјата стана модел во регионот за мирно решавање на етничките спорови преку дијалог и меѓусебно разбирање. Само четири години по потпишувањето на овој договор, Северна Македонија доби кандидатски статус во 2005 година и долго време е лидер во регионот. Земјата презеде импресивни и тешки реформи – вклучително и историска промена на името – но нејзиниот процес на пристапување е премногу долго попречен поради билатерални спорови. Во 2022 година, за да го надмине ветото на Бугарија на преговорите за пристапување, ЕУ ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на Северна Македонија, при што ЕУ дејствуваше како гарант за нивното спроведување. Таканаречениот француски предлог, сепак, постави загрижувачки преседан дозволувајќи процесот на пристапување да се користи за решавање на културните и историските спорови. Иако овој договор на крајот доведе до укинување на ветото, прва Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година и почеток на скринингот, тој исто така бара од Северна Македонија да го измени својот Устав за да го вклучи бугарското малцинство. Сесиите за скрининг за сите шест кластери беа завршени до 7 декември 2023 година, а земјата ќе може да премине во следната фаза од преговорите откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, вели Вајц во изјавата. 

Тој натаму посочува дека годините на неуспеси и неисполнети ветувања, доведоа до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка во земјата за интеграција во ЕУ, но времињата на големи промени во меѓународниот светски поредок каков што го познава Европа, го обновија чувство на итност и создадоа важна можност за унапредување на процесот на пристапување.  

– Сите политички засегнати страни, особено пратениците од владејачката коалиција и Владата, мора да го искористат овој момент и да се вклучат во конструктивен дијалог за да постигнат консензус за гореспоменатите уставни амандмани. ЕУ и нејзините земји членки мора целосно да го поддржат овој потфат, вклучително и со давање гаранции дека уставните измени нема да доведат до понатамошни билатерални барања, потенцира Вајц. 

Австрискиот европратеник натаму посочува дека земјава изготви одлична и амбициозна реформска агенда, „веројатно една од најдобрите во регионот“ и нејзината ригорозна имплементација би ја вратила земјата на вистинскиот пат, особено во клучните области како што се борбата против корупцијата, обезбедувањето независност на судството, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на состојбата со слободата на медиумите.  

Сепак, според Вајц, некои неодамнешни случувања, вклучително и одлуката на земјата да се воздржи од најновата европска резолуција за Украина во Генералното собрание на ОН, додека е коспонзор на резолуцијата на САД во февруари 2025 година, „предизвикаа загриженост кај поддржувачите на Северна Македонија во ЕУ за нејзината долгорочна траекторија“. 

– Искрено се надевам дека сите страни – властите на Северна Македонија, институциите на ЕУ и соседните земји – ќе ја препознаат итноста на моментот и ќе дејствуваат решително за да продолжат напред. Што се однесува до одговорноста на овој Дом, јас сум посветен на градење стабилен, конструктивен, проевропски, продемократски и проширувачки сојуз во поддршка на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Се надевам дека ќе ја обезбедам поддршката од секој член кој ја дели оваа цел, додава Вајц во објаснувачката изјава. 

Гласањето по Предлог-резолуцијата на Вајц е предвидено за утрешното продолжение на овонеделната сесија на Европарламентот во Стразбур. 

Можете да прочитате

Oтворен генерален конзулат на Албанија во Струга

Обвинение против поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје и седум полициски службеници

На Клиниката за трауматологија презентиран најмодерен робот за операции на ‘рбет и мозок