Утрински Весник
Свет

Европратеници го тужат Европскиот парламент поради блокада на истрага за набавката на антиковид вакцини во ЕУ 

20251111122007 big 730x400 62.webp.webp

Група европратеници од редовите на десничарските и екстремно десничарските партии поднеле тужба против Европскиот парламент до Општиот суд при Судот на правдата на ЕУ, со тврдење дека не било почитувано нивното право за покренување истрага околу начинот на набавка на антиковид вакцини од страна на ЕУ.

Во тужбата се оценува дека одлуката на Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и лидерите на пратеничките групи, со која се отфрла барањето за формирање на Анкетен комитет за проверка на овие набавки, била противзаконска.


Според иницијаторите на тужбата, раководството на ЕП ги прекршило правилата со тоа што го отфрлило предлогот на седница зад затворени врати, наместо да го стави на пленарно гласање пред европратениците.

Станува збор за иницијатива потпишана од над 180 пратеници од редовите на групите Патриоти за Европа (ПФЕ), Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН) со која се предлага покренување парламентарна истрага за „наводите за корупција, перење пари, злоупотреба на моќта и прекумерно мешање во законодавните процеси“ при набавката на вакцини за време на корона пандемијата.

– Повеќе од 180 пратеници побараа истрага за тоа како ЕУ потрошила милијарди долари за договорите за вакцини и слични зделки. Раководството на Парламентот нема право да го спречи ова барање, изјави германската европратеничка Кристин Андерсон од редовите на ЕСН.

Со нејзиното мислење се согласува и холандската европратеничка Марике Елерс од редовите на Патриотите, која ја обвини Конференцијата на претседатели дека ја блокира истрагата, со тоа што не дозволила европратениците да се изјаснат за иницијативата.

– Лидерите на групите немаат надлежност да блокираат иницијатива чие предлагање е право на секој член (на ЕП), изјави Елерс.

Според судските документи, во кои увид имал бриселскиот портал „Политико“, тужбата е поднесена на 31 октомври, по што Судот му дал рок на Европскиот парламент да одговори на барањето на европратениците најдоцна до 20 ноември, пред да донесе одлука за постапување по предметот. Доколку ЕП не го прифати барањето, Судот може да покрене судска постапка, која би можела да трае со години.

На барање на „Политико“ за коментара на тужбата, Прес-службата на Европскиот парламент одговорила дека „не коментира поднесени или тековни судски постапки“.

Согласно процедурите на ЕП, европратениците можат да предлагаат формирање на анкетни комитети за оценка на транспарентност или утврдување на одговорност за некои постапки.

Доколку иницијативата биде поддржана од пропишаниот број европратеници, таа се доставува до Конференцијата на претседатели. Според толкувањата на мнозинството во Конференцијата, таа решава дали предлогот ќе го стави на гласање на пленарна седница, додека според иницијаторите на тужбата, таа само треба да ја констатира иницијативата и да ја предложи како точка за гласање пред пратениците.

Според Андерсон, која е членка на партијата Алтернатива за Германија, цел на предлагачите на тужбата е Судот да ја поништи одлуката на Конференцијата на претседателите и да ја поттикне претседателката на ЕП, Мецола да ја стави иницијативата на гласање на пленарна седница.

Шведскиот европратеник Чарли Вајмерс од редовите на ЕЦР, смета дека во овој случај не станува збор за „политичко прашање“ што треба да го разгледува Судот, туку за „процедурално и правно прашање“ околу непочитување на правилата.

– Ние сме прилично оптимисти дека одлуката (на Судот) ќе оди во наш прилог, изјави Вајмерс.

Германскиот европратеник Даниел Фројнд од групата на Зелените оцени дека правно гледано барањето на десничарските групи „можеби имаат поента“ и по него „веројатно требало да се одлучи на пленарна седница“.

Тој рече дека не поддржува Европарламентот да биде „малтретиран“ со предлози за формирање на разни комитети, но истакна дека анкетните комисии се законски инструменти кои им овозможуваат на европратениците да иницираа истражување на некои постапки.

Според Фројнд, можноста мнозинството пратенички групи да не поддржат изјаснување по иницијатива на пленарна седница, ја поништува целта поради која постои инструментот анкетна комисија.

Инаку, главно осомничена за неправилности и злоупотреби при набавките на вакцините е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа беше обвинета за непочитување на процедурите при договарање на набавките на вакцини од американската компанија „Фајзер“. Ова обвинување беше повод за покренување иницијатива во Европарламентот за изгласување на недоверба на Европската комисија, која беше отфрлена во јули годинава, како и за судска постапка против Фон дер Лајен пред Суд во Белгија, кој ја одби како неоснована.

Можете да прочитате

(Видео) Неколку месеци по отворањето, делумно се сруши мост во Кина

Германија: Уапсен маж што повикувал на убиства на политичари преку „даркнет“

Индискиот премиер вети правда по експлозијата на автомобил во Њу Делхи