Утрински Весник
Свет

Европол: Трговијата со дрога во ЕУ вреди 31 милијарда евра годишно

Italija Zaplena Droga.jpg

Трговијата со дрога вреди повеќе од 31 милијарда евра годишно, се вели во најновиот извештај за дрога објавен во четвртокот од Европол и Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA).

Според извештајот, дрогата која најмногу се тргува во ЕУ е канабисот, во вредност од 12 милијарди евра годишно. Втората е кокаинот со околу 11,6 милијарди евра.

Влијанието на меѓународната трговија со дрога врз животот во европските земји е се посилно, предупредија Европол и EMCCDA при претставувањето на извештајот. Насилството, корупцијата и поткопувањето на правото и демократијата се во пораст, изјави шефицата на Европол Кетрин Де Боле во Хаг.

„Криминалните мрежи го заразија самото јадро на нашите заедници, пробивајќи го својот пат низ структурата на нашата демократија и економија. Тие ја нагризуваат довербата, поттикнуваат насилство и создаваат циклуси на зависност и сиромаштија“, додаде таа.

„Потребен е внимателен, унифициран одговор за да се заштитат нашите граѓани и општество од сеприсутното влијание на овој невидлив непријател. Користејќи го Европол, земјите-членки на ЕУ можат да ги здружат ресурсите, да споделуваат криминални разузнавачки информации и да ги координираат акциите во борбата против нелегалната дистрибуција на дрога“, посочи таа.

Инспекторите идентификуваа околу 800 криминални групи кои ја загрозуваат безбедноста на државите, рече Де Боле, додавајќи дека дрогата е еден од главните извори на приход за организираниот криминал.

Според извештајот, Европа е клучна за производство, снабдување и трговија со дрога.

Експертите посочуваат дека во Европа има големо производство на канабис и синтетички дроги, како и големо количество кокаин шверцуван од Латинска Америка.

Иако во изминатите 10 години е запленет многу повеќе кокаин отколку порано, тој исто така доведе до поголемо насилство во некои градови, рече Де Боле, предупредувајќи дека конфликтите меѓу бандите се во пораст.

Можете да прочитате

Пожар во фабрика за воена опрема во Русија

Aвион на DHL се урна врз двокатна куќа во Литванија

Независниот кандидат Калин Георгеску е најверојатно новиот претседател на Романија