Јужна Европа се подготвува за екстремно суво лето. Некои региони веќе страдаат од недостиг на вода, а земјоделците ги очекуваат најлошите приноси во последните неколку децении. Додека климатските промени го прават регионот потопол, годините на последователни суши ги исцрпуваат резервите на подземните води. Земјиштето пресуши во Шпанија и јужна Франција, додека ниското ниво на реки и акумулации го загрозува производството на хидроенергија ова лето.
Со зголемувањето на температурите кон летните просеци, научниците предупредуваат дека Европа е упатена кон уште едно брутално лето. Минатото лето беше најжешкото досега, предизвикувајќи суша за која истражувачите од Европската Унија велат дека е најлоша во последните 500 години.
– Ситуацијата со сушата ќе се влоши ова лето – изјави Хорхе Олчина, професор по географска анализа на Универзитетот во Аликанте во Шпанија. Во овој момент, има мали шанси дождот да ја реши основната суша.
– Во овој период од годината единствено што можеме да имаме се локални бури, кои нема да го решат дефицитот на врнежите – изјави Олчина за Ројтерс.
Барајќи итна помош од Европската Унија, шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас предупредува дека „оваа суша е од такви размери што нејзините последици не можат да се решат само со национални средства“.
Јужна Европа не е единствената што оваа година страда од сериозен недостиг на вода. Рогот на Африка минува низ најтешката суша во последните децении, додека историската суша во Аргентина ги уништи посевите на соја и пченка.
Почестите и тешки суши во Медитеранскиот регион – каде просечната температура сега е за 1,5 степени Целзиусови повисока од пред 150 години – се во согласност со предвидувањата на научниците дека климатските промени ќе влијаат на регионот.
– Што се однесува до климатските промени, тие многу добро се вклопуваат со она што го очекуваме – рече Хејли Фаулер, професорка за влијанието на климатските промени на Универзитетот во Њукасл.
И покрај овие долгорочни прогнози, подготовките заостануваат. Многу земјоделски региони допрва треба да усвојат методи за заштеда на вода, како што е прецизното наводнување или да се префрлат на култури потолерантни на суша, како што е сончогледот.
– Владите доцнат. Компаниите доцнат – изјави Роберт Вотар, климатолог и директор на францускиот институт Пјер-Симон Лаплас. Некои компании не ни помислуваат да го променат моделот на потрошувачка, туку само се обидуваат да најдат некоја чудесна технологија која ќе донесе вода.
Франција излегува од најсувата зима од 1959 година, со предупредувањата за суша веќе активирани во четири департмани, ограничувајќи ја неприоритетната употреба на вода – вклучително и за земјоделството.
Португалија, исто така, доживува порано доаѓање на суша. Приближно 90% од територијата страда од суша, при што силната суша погоди една петтина од земјата – речиси пет пати повеќе од една година порано.
Во Шпанија, која имаше помалку од половина од просечните врнежи до април оваа година, илјадници луѓе се потпираат на водата за пиење од камионите, додека регионите како Каталонија воведоа ограничувања за вода. Некои земјоделци веќе пријавиле загуби на земјоделски култури до 80%. Меѓу погодените култури се житарките и маслодајните култури.
– Ова е најголема загуба на реколта во последните неколку децении. Ситуацијата е уште полоша од минатата година – изјави за ситуацијата во Шпанија Пека Песонен, кој ја предводи европската земјоделска групација Копа-Когеца. Шпанија произведува половина од маслинките и една третина од овошјето во ЕУ.
Со своите акумулации со просечен капацитет од 50 проценти, земјата одвои повеќе од две милијарди евра минатата недела за финансирање итни мерки. Тој се уште го чека одговорот на Европската комисија на неговото барање кризниот фонд од 450 милиони евра од буџетот на ЕУ да се искористи за земјоделски субвенции. Комисијата соопшти дека внимателно ја следи состојбата.
– Сериозната суша во јужна Европа е особено загрижувачка, не само за тамошните земјоделци, туку и затоа што може да ги зголеми и онака многу високите потрошувачки цени – изјави портпаролката на Комисијата, Миријам Гарсија Ферер.
Слични проблеми може да се појават и во Италија, каде што до 80 отсто од снабдувањето со вода оди за земјоделството. Со овогодинешната тенка снежна покривка и ниската влажност на почвата, италијанските земјоделци планираат да ја намалат површината за сеидба за 6 отсто во однос на минатата година, пренесува Новости.
По две години недостиг на вода, делови од северна Италија влегоа во мај со 70% дефицит во резервите на снежна вода и 40% дефицит на влага во почвата, рече Лука Брока, директор за истражување на Националниот совет за истражување на Италија. Со вака исушена почва дождот не се апсорбира, што има катастрофални последици. Властите во Италија соопштија дека повеќе од 14 лица загинале во поплавите во италијанската област Емилија Ромања.