Утрински Весник
Свет

ЕУ воведува санкции за Косово, Рама ја откажа заедничката седница со Курти

ЕУ воведува санкции за Косово, Рама ја откажа заедничката седница со Курти

Албанскиот премиер Еди Рама вечерва соопшти дека средбата планирана за утре меѓу владите на Албанија и Косово е откажана, бидејќи нема договор со косовскиот премиер Албин Курти, а Косово оди под санкции од меѓународната заедница.

dobivaj vesti na viber

„Се наоѓаме во услови на заострување на односите меѓу Косово и целата евроатлантска заедница и оваа средба не може да се одржи во очекуваниот формат, откако разговарав со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жосеп Борел“, рече Рама на прес-конференција, пренесува „Косово онлајн“.

Тој изјави дека побарал од Курти утре да се сретнат во потесен формат и да разговараат за ситуацијата која е драматична за односите меѓу Косово и евроатлантската заедница.

„Морам да кажам дека со Курти не се договоривме за промена на форматот, бидејќи тој побара средбата да се одржи според планираното, но тоа не е можно, бидејќи не е време да се организира како ништо да не се случува.  Можеби тоа не е конечниот одговор на премиерот“, рече Рама.

Албанскиот премиер објасни дека средбата меѓу двете влади не е можна бидејќи Косово оди кон санкции, а наведе и дека побарал од западните влади засега да не воведуваат санкции кон косовските власти.

„Ние сме 100 отсто против начинот на кој сега дејствува косовската влада“, рече Рама.

За санкциите што ЕУ планира да ги воведе кон Косово пишува и „Радио Слободна Европа“.

„Кабинетот на високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, подготви предлог за пакет мерки насочени кон косовската влада и премиерот Албин Курти, за кои се смета дека немаат политичка волја да ја преземат неопходни мерки за деескалација на ситуацијата на северот на Косово“, јавува Радио Слободна.Европа.

Како што дознава РСЕ од дипломатски извори, меѓу предложените мерки на кабинетот на Борел е  да се блокираат сите покани за настани на високо ниво, како и билатерални посети на Косово, освен оние кои имаат за цел да се реши кризата на северот на земјата.

Исто така, се предлага да се намали присуството на јавни настани поврзани со финансиската соработка на ЕУ, во кои се вклучени членови на косовската влада.

Се предлага и суспендирање на значително финансирање од ЕУ, почнувајќи со суспензија на одобрувањето и спроведувањето на предлогот поднесен од Косово во последниот круг на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано во вторникот потврди дека кабинетот на шефот на европската дипломатија споделил со земјите-членки на ЕУ нацрт мерки што треба да се преземат доколку премиерот Курти не преземе соодветни и итни чекори за деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите.

Дипломатски извори од повеќе земји-членки за РСЕ потврдија дека земјите-членки на ЕУ не се обврзани да ги спроведат предложените мерки, но секако се очекува да ги почитуваат.

Некои дипломатски извори посочија дека одредени земји од ЕУ „веќе презеле некои мерки“ кои се слични на некои елементи од пакетот предлози што го подготвил кабинетот на Жозеп Борел.

На 3 јуни, ЕУ побара од косовските власти да дејствуваат на начин кој не ескалира и веднаш да ги прекинат полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово. Беше порачано новоизбраните градоначалници на четирите општини на северот привремено да ги извршуваат работните задачи во други простории надвор од општинските згради, како и во најкраток можен рок да распишат предвремени избори.

ЕУ, исто така, предупреди дека е подготвена да преземе мерки против оние политичари кои одбиваат да преземат мерки за смирување на ситуацијата.

Сепак, тие не добија гаранции од Курти дека сите барања ќе бидат исполнети.

Можете да прочитате

Лавров: Русија бара траен мировен договор што ќе ја гарантира нејзината безбедност

Дел од настаните што ја одбележаа 2024-та

Руски фирми се почесто користат Биткоин поради западните санкции