Утрински Весник
Свет

ЕУ организира комеморација за жртвите на тероризмот 

Image 2025 03 11 104149414.png

Европската Унија денеска во Стразбур ќе организира комеморација по повод Европскиот денот на сеќавање на жртвите на тероризмот. 

Домаќини на комеморацијата ќе бидат претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, францускиот претседател Емануел Макрон, еврокомесарот за миграција и внатрешни работи Магнус Брунер и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсет. 


Европскиот ден на сеќавање на жртвите на тероризмот се одбележува секоја година во чест на жртвите на терористичките напади во Мадрид на 11 март 2004 година и со нив ЕУ ја покажува својата солидарност со настраданите при акти на тероризам. 

Ова сеќавање, како што соопшти Европската комисија, силно го нагласува единството и отпорноста на ЕУ против тероризмот и насилниот екстремизам и потсетуваат и на важноста на борбата против тероризмот и радикализацијата. 

– Комеморацијата ќе им даде простор на гласовите на жртвите и преживеаните, чии сведоштва ни помагаат да се потсетуваме на нападите, се додава во соопштението. 

Европската комисија нагласува и дека дополнително ќе ги засили своите напори за спречување и одговор на сите закани за внатрешната безбедност на ЕУ со новата Стратегија за внатрешна безбедност, што треба биде усвоена претстојнава пролет, како и со новата агенда на Унијата за спречување и спротивставување на тероризмот и насилниот екстремизам, која се очекува да биде претставена подоцна во текот на оваа година. 

Најмалку 200 лица загинаа, а околу 2.500 беа ранети во серијата од 10 координирани експлозии на бомби во четири возови во реонот на Мадрид на 11 март 2004 година, на три дена пред парламентарните избори во Шпанија. Нападите беа извршени од поединци, кои, како што тврдеа, се спротивставуваат на шпанската вмешаност во воената интервенција на меѓународните сили во Ирак, под водство на САД, во 2003 година. 

Ова е најсмртоносниот терористички напад во Европа, по експлозијата на бомба на летот 103 од Франкфурт до Детроит на авиокомпанијата „Пан Ам“ во 1988 година, при што загинаа 270 лица, од кои 259 патници и членови на екипажот на авионот и 11 жители на шкотскиот град Локерби врз кои се урнаа остатоците од леталото.

Можете да прочитате

Опозицијата победи на изборите во Гренланд

ЕУ ја поддржува иницијативата за мир во Украина

Објавени детали од договорот меѓу Украина и САД