
Европската унија нема да поддржи никакви потенцијални инвестиции во Босна и Херцеговина поврзани со проекти за фосилни горива, вклучително и планираниот Јужен интерконектор. Ова го објави денеска делегацијата на ЕУ во Сараево, пренесе дневниот весник „Независне новине“. Брисел нагласува дека поддршката треба да биде насочена кон проекти базирани на обновливи извори на енергија, додека изградбата на нови гасоводи не спаѓа во оваа категорија.
-Енергетската политика на ЕУ се базира на транзиција кон чиста енергија и постигнување климатска неутралност до 2050 година. Ова е клучен елемент од процесот на пристапување во ЕУ, како и значајна можност за модернизација на енергетскиот сектор, привлекување инвестиции и подобрување на долгорочната енергетска безбедност на Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението.
Проектот предвидува нов гасовод од Загвозд во Хрватска до Посушје во Херцеговина, со краци до Мостар и Нови Травник, што би овозможило пристап до терминалот за течен природен гас на островот Крк и можност за снабдување со течен гас од САД. Цената на проектот се проценува на околу 500 милиони евра, а властите имаат за цел гасоводот да биде оперативен до крајот на 2027 година.
Претставништвото на ЕУ потврди дека нема намера да го поддржи овој проект и потсети дека земјата не може да смета на финансиска поддршка за иницијативи кои ја зголемуваат зависноста од фосилни горива и се спротивставуваат на климатските цели.
Согласно европската климатска стратегија, природниот гас се третира како привремено решение и замена за јагленот, но неговата употреба треба да биде ограничена откако земјата ќе обезбеди доволно количество обновливи извори на енергија.


