Европската унија најостро го осудува неодамнешниот бран на репресија врз поранешните политички затвореници во Белорусија и нивните роднини и ги повикува властите во Минск да ги почитуваат меѓународните обврски во однос на човековите права, изјави денеска шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Борел во писмената изјава наведе дека повеќе од 100 лица, од кои многумина се уапсени, биле цел на рации и претреси извршени од безбедносниот апарат на режимот на Александар Лукашенко.
„Режимот на Лукашенко продолжува со жална тактика на заплашување и репресија против критичарите и потенцијалните политички противници во пресрет на „изборите“ во февруари“, рече Борел по повод парламентарните избори во Белорусија закажани за 25 февруари.Тој додаде дека ЕУ ги повикува белоруските власти да се воздржат од каква било понатамошна репресија и насилство насочено против белорускиот народ и да се придржуваат до меѓународните обврски на Белорусија во врска со човековите права, вклучително итно и безусловно ослободување на сите произволно приведени и прекин на кривичното гонење.
„ЕУ изразува солидарност со народот на Белорусија и ќе продолжи да го поддржува на нивниот пат кон независна и демократска земја. Граѓаните на Белорусија го заслужуваат правото да бидат претставени од оние што слободно ги избираат на транспарентни, слободни и фер избори“, наведе Борел.