Утрински Весник
Свет

ЕУ лани со раст на БДП од 0,8, а Еврозоната од 0,7 отсто

20241018154811 Big 730x400 10.webp.webp

Европската унија лани оствари раст на БДП од 0,8 отсто, додека на ниво на Еврозоната тој изнесувал 0,7 проценти, покажуваат првичните проценки на Европската статистичка служба – Евростат за годишниот економски раст во блокот за 2024 година.

Но, во последниот квартал од минатата година, растот на БДП на ниво ЕУ споредено со претходното тримесечје изнесувал само 0,1 отсто, додека во Еврозоната тој останал непроменет. Во кварталот јули-септември 2024 година и во ЕУ и во Еврозоната беше регистриран раст на БДП од по 0,4 проценти.


Споредено со кварталот октомври-декември 2023 година, во последните три лански месеци БДП на ниво на цела ЕУ се зголемил за 1,1, а во Еврозоната за 0,9 отсто. Во третиот лански квартал растот на годишно ниво изнесуваше 1,0 отсто во ЕУ и 0,9 проценти во Еврозоната.

Сепак, Евростат нагласува дека овие податоци за растот на годишно и на квартално ниво се нецелосни и ќе бидат предмет на дополнителни ревизии.

Меѓу земјите членки на ЕУ, за кои има достапни податоци за економските перформанси за четвртиот квартал од 2024 година, најголем квартален раст бележи Португалија од 1,5 отсто, пред Литванија од 0,9 и Шпанија од 0,8 проценти.

Од друга страна, најголем пад на БДП на квартално ниво е регистриран во Ирска од 1,3 отсто, по што следуваат двете најголеми економии во ЕУ – Германија со намалување за 0,2 и Франција за 0,1 процент, додека третата европска економска сила, Италија, бележи стагнација.

Според експертот на „ИНГ Рисрч“, Берт Колијн ваквите податоци укажуваат дека потрошувачите во ЕУ се уште „се опоравуваат од инфлацискиот шок“ во 2022 година предизвикан од руската инвазија врз Украина на Русија, а дополнителен проблем за слабиот раст на европската економија претставуваат и ниското ниво на инвестиции, намаленото производството и општата економска несигурност.

– Се чини дека во моментов економијата е во пад и не очекуваме да ја надмине таквата состојба во текот на оваа зима, смета Колијн, кој сепак очекува зголемување на домашната побарувачка во текот на годината, што би поттикнало одреден економски раст во ЕУ.

Во вакви услови, Европската централна банка (ЕЦБ) вчера донесе одлука за намалување на својата основна каматна стапка од 3,0 на 2,75 отсто.

Оваа е петто по ред намалување на основната камата на ЕЦБ од јуни 2024 година и аналитичарите и бизнисот веруваат дека до крајот на годината оваа каматна стапка ќе падне на околу два отсто.

Економските показатели на Евростат доаѓаат по промоцијата на „Компасот за конкурентност“ на ЕУ во средата, кој содржи низа препораки на Европската комисија за поттикнување на економскиот раст и инвестициите во блокот, меѓу другото и преку намалување на бирократските процедури, зајакнување на единствениот европски пазар и промена на политиката за конкуренција. Целта на ЕК со овие препораки е да го намали заостанувањето во економскиот раст на ЕУ во однос на нејзините главни трговски ривали – САД и Кина.

Според последните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Еврозоната годинава би требало да има зголемување на БДП-то од 1,2 отсто, што е речиси двојно помалку од предвидената стапката на раст во САД.

Дополнителен проблем за ЕУ би можело да претставува и евентуалната реализација на најавите на новиот американски претседател Доналд Трамп за воведување царини од 10 до 20 отсто за сиот увоз во САД, што според аналитичарите, би можело да го доведе блокот во позиција да ја заврши годинава во рецесија. 

Можете да прочитате

Администрацијата на Трамп ќе депортира 341 Македонец

Нов предизвик со парацетамол на Тикток – предупредување за ризичност

Севернокорејците повлечени од линијата на фронтот во Русија, пишува „Њујорк тајмс“