Утрински Весник
Македонија

ЕУ ги стопира исплатите од 128 милиони евра за ИПАРД 3 програмата

Sas49619 e1511784746219.jpg

Европската делегација во Скопје ја поздрави одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 програмата сè додека не се разјаснат околностите околу истрагата во Платежната агенција. Истовремено, од таму порачаа дека целта е да се заштитат финансиските интереси на Европската Унија.

Ова е одговорот од Делегацијата на ЕУ во Скопје на прашањето на порталот за земјоделство „Зелена берза“, по откривањето на големиот корупциски скандал во кој е осомничен директорот на Платежната агенција Илија Стоилев и уште неколку службеници од Министерството за земјоделство и УЈП.

„Европската комисија е запознаена со медиумските информации за истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, која го опфаќа директорот на агенцијата одговорна за ИПАРД програмата. Комисијата побара дополнителни информации од националните институции и ја задржува можноста да преземе превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ. Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите“, стои во одговорот од ЕУ Делегацијата.

На прашањето дали оваа афера може да доведе до суспензија на целата ИПАРД 3 програма, од Делегацијата посочуваат дека во тек е истрага и повикуваат на максимална сериозност од македонските институции:
„Очекуваме институциите на Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. ЕУ останува посветена на поддршката за земјоделците и руралниот развој, доколку европските средства се користат транспарентно и соодветно.“

Прв со информацијата за суспензијата излезе пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, кој на денешната прес-конференција рече дека ИПАРД 3 програмата е стопирана на неопределено време.

„Во петокот околу 16 часот, националниот координатор за авторизација донел одлука за суспендирање на сите плаќања во рамките на ИПАРД 3. Одлуката стапила на сила веднаш и ќе трае сè додека не се исполнат одредени услови и акциски планови“, изјави Николовски, додавајќи дека суспензијата значи целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите кои веќе имаат склучени договори.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски засега не се изјаснил околу суспензијата. Во петокот, пак, изјави дека „нема никаква загрозеност по ИПАРД средствата ниту по националните плаќања“ и ги повика институциите да ја истражат аферата до крај.

ИПАРД 3 програмата претставува еден од најважните инструменти за претпристапна поддршка на ЕУ во земјоделството. Вкупната финансиска рамка за Северна Македонија изнесува 96 милиони евра од европските фондови, односно 128 милиони евра со националната партиципација.

Можете да прочитате

Јаневска: По малку разбирам албански, но ќе го усовршам кога ќе имам време

Јаневска: По малку разбирам албански, но ќе го усовршам кога ќе имам време

Министерството за финансии потврди дека се прекинати исплатите на средствата од ИПАРД програмата