
Лидерите на земјите членки на ЕУ на денешниот Самит во Брисел ги разгледаа речиси сите точки од дневниот ред, а вечерва продолжуваат со клучната дебата за финансирањето на Украина. Според извори запознаени со состанокот, на лидерите ќе им биде доставен нов предлог за заем за репарации, кој предвидува користење на замрзнатите руски средства за покривање на потребите на Украина за 2026 и 2027 година.
Повеќето европски лидери ја поддржуваат оваа опција, наместо дополнително задолжување на Унијата. Сепак, останува неизвесно дали Белгија и Унгарија ќе се согласат со планот. Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од замрзнатите руски средства, се повикува на правни и финансиски ризици, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан отворено се спротивставува на идејата. Поддршка за заемот изразија Германија, Ирска, Естонија, Литванија, Летонија и повеќето земји членки, додека неколку држави претходно побараа алтернативни решенија.
Според правилата на ЕУ, планот може да биде усвоен и со квалификувано мнозинство, но мнозинството земји сепак преферираат поширок консензус. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порача дека Самитот нема да заврши без одлука за обезбедување на финансиската поддршка за Украина.



