Со усвојувањето на ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка, ЕУ не само што обезбеди 50 милијарди евра за поддршка на Украина, туку и солидна финансиска основа за Планот за раст за Западниот Балкан порача денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците во Стразбур за време на дебатата за резултатите од последните Самити на Унијата.
– Ние и обезбедуваме на Украина не само финансирање за одржување на економијата, туку и силна предвидливост за следните четири години. Тоа покажува што значи да се застане зад Украина онолку долго колку што е потребно, додаде Фон дер Лајен.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа нагласи дека дополнително со ревизијата на буџетската рамка до 2027 година, обезбедени се средства кои ќе и овозможат на ЕУ засилување на борбата против нерегуларната миграција и заштитата на своите надворешни граници, како и да се ангажира уште повеќе со земјите од јужното соседство.
И многу ми е драго што Планот за раст за Западен Балкан сега е на солидна финансиска основа, потенцира Фон дер Лајен.
Според неа, ЕУ сега има финансиски ресурси да се справи со некои од главните предизвици на оваа деценија, ќе може подобро да одговори во справување со природните катастрофи во земјите членки и на хуманитарни кризи, како онаа во Газа, но и да ги поддржиме критичните технологии во Европа.
Фон дер Лајен се осврна и на проблемите на земјоделците во ЕУ, оценувајќи дека многумина од нив се чувствуваат „турнати в ќош“, во услови кога први ги чувствуваат последиците од климатските промени, како сушите и поплавите, но и од руската агресија врз Украина, кој донесе висока инфлација и зголемени трошоци за енергија и ѓубрива.
Прашањата ескалираа во последните години. Нашите земјоделци заслужуваат да бидат слушани. Знам дека се загрижени за иднината на земјоделството и за нивната иднина како земјоделци. Но, тие исто така знаат дека земјоделството треба да премине кон поодржлив модел на производство, за нивните фарми да останат профитабилни во годините што доаѓаат, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека токму затоа ЕК го иницираше Стратешкиот дијалог за иднината на земјоделството, преку кој ќе се анализира ситуацијата, ќе се споделуваат идеи и ќе се развиваат сценарија со цел да се врати довербата и да се дојде до остварливи решенија.
Според неа, паралелно со поддршката на земјоделството и производството на квалитетна храна, потребна е и ефикасната заштита на природата преку обезбедување на субвенции за поттик на земјоделците.
– Јавните субвенции можат да ги обезбедат тие стимулации за зачувувањето на природата,… затоа што само ако нашите земјоделци можат да живеат од својата земја ќе инвестираат во иднина. И само ако заедно ги постигнеме нашите климатски и еколошки цели, земјоделците ќе можат да продолжат да живеат, додаде претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен пред европратениците говореше и за руската агресија врз во Украина, посочувајќи дека пред две години Русија започнаа војна против „народ и нација со железна волја и надеж за подобра иднина“, но и војна против „сите нас и против слободата, самоопределувањето и демократијата воопшто“.
– Украина ја докажа моќта на нацијата и народот кој се бори за нешто. Пред се за себе, но и за нас и за се она во што ние веруваме – нашите слободи, нашата демократија, нашите макотрпни права и аспирации. Некои беа изненадени од херојската акција на Украина, но никој не требаше да биде изненаден што кога беа соочени со угнетување, потчинување и тиранија, Украинците избраа отпор. И затоа, денес останувам исто толку убедена во еден едноставен факт како и пред две години дека Украина ќе успее и дека Европа ќе биде со неа на секој чекор од патот, додаде Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин не може да разбере дека ако им дадеш на луѓето избор, тие ја избираат слободата, па затоа и волјата на Украина за борба не е само посилна од онаа на Русија, таа е суштински различна по природа и карактер.
Затоа, според неа, ЕУ мора да продолжи со поддршката на Украина, и финансиски и воено, со што ќе ја заштити сопствената иднина.
– Украина и Европа покажаа дека сме подготвени да се бориме и да ја платиме крајната цена за работите во кои веруваме…. Европа ќе биде на страната на Украина за секој ден од војната и за секој ден потоа. Тоа е она што значи да се биде Европеец и да се верува во судбина која е изградена на секојдневната желба да се остави зад себе иднина во која ќе растат нашите деца, додаде Фон дер Лајен.
Обраќањето на Фон дер Лајен пред европратениицте следи откако минатата ноќ Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за предлогот на Еврокомисијата за создавање на нов единствен Механизам за поддршка на опоравување, реконструкцијата и модернизацијата на Украина, со вкупен буџет од 50 милијарди евра, преку кој во исто време ќе бидат поддржувани и напорите на земјата за спроведување на реформите како дел од нејзиниот пристапен пат кон ЕУ.