
Наместо да преземе одговорност за затекнатите лоши состојби во РЕК Битола и да се огради од нивните кадри кои во моментов се или во притвор или во бегство, СДСМ се дрзнува да критикува за состојби директно создадени од нив. Предизвиците во производството на електрична енергија, особено во РЕК „Битола“, се токму благодарение на погрешните и нечесни политики што ги водеше СДСМ во ЕСМ и во најголемиот рударско-енергетски комбинат, реагира ЕСМ на обвинувањата на СДСМ.
Од таму велат дека актуелното раководство затекнало состојба на хаос, празни депонии на јаглен, уништени рудници во кои се работело надвор од рударските проекти, запоставена рударска механизација, несоодветно одржувани капацитети и нереализирани редовни ремонти.
„Таму, вработените, за време на грејната сезона, па и во моментов, деноноќно функционираат во состојба на готовност за да се справат со сите предизвици и несоодветно одржуваната техничко-технолошка опрема“, се вели во реакцијата.
Од ЕСМ велат дека СДСМ функционира врз основа на шпекулации и фабрикувани полувистини.
„Да потсетиме, и пред пет месеци, среде грејна сезона, тврдеа дека РЕК Битола само што не колабирал. Сепак, фактите ја демантираат опозицијата. И покрај сите затекнати проблеми, во првиот квартал годинава ТЕ Битола произведе 11,6% повеќе електрична енергија во споредба со истиот период лани кога кадрите на СДСМ управувале со комбинатот. За истиот компаративен период, трошоците за ископ на јаглен се намалени за 60 проценти, додека производната цена на РЕК Битола е намалена за 33 евра за произведен мегаватчас. Да потсетиме, според „успешното“ менаџирање на СДСМ, во првото тромесечие лани цената на производството од РЕК Битола изнесуваше 126,66 евра, додека за истиот период изнесува 96 евра. Во однос на ремонтните активности, тие почнаа минатиот месец и се одвиваат во согласност со планот“, пишува во реакцијата.
Во енергетиката, додаваат од ЕСМ, особено во капацитети како РЕК Битола, не постојат инстант решенија и санација на состојбите преку ноќ. „Она што СДСМ го уништи за седум години, е невозможно да се санира во краток рок. Напротив, со посветен пристап и макотрпна работа, се преземаат системски мерки за целосна стабилизација на работните процеси. Впрочем, и резултатите го потврдуваат тоа“, велат од ЕСМ.