
Ќерката на нашата актерска легенда, Гоце Тодоровски, Сашенка Тодоровска, со потресна порака го искажа разочарувањето од третманот на нејзиниот татко, со кого пораснаа генерации.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Сашенка го изрази својот револт поради тоа што, иако нејзиниот татко има нарушено здравје и зад себе оставил огромно актерско наследство, покрај бројните признанија и награди, не бил удостоен со национална пензија.
– Легендо моја и на целиот македонски народ! На фотографијава си на почетоците на твојата кариера, половина век го посвети на народот, пораснаа со тебе луѓето на врвот, татко мој. Национална пензија не ти дадоа, само признанија, наградички за животни дела, колекционер на хартија стана, зарем не е срамота? Народот е во заблуда, Гоце Тодоровски живее од пензија 36 илјади денари. Зарем зависиш кој е на власт? За пола век на сцена, немам коментар, болката твоја ме боли, татко мој ме боли што се даде безусловно, те делев цел живот со македонскиот народ, и сè уште даваш иако здравствено не си добар. Милостина бараш од истите тие кои ги порасна, а не си заслужен за достоинствен живот, секоја чест за културната политика. Срам врз срам, се што е квалитетно нема вредност повеќе – напиша Сашенка.