Турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека e уверен оти рускиот претседател Владимир Путин сака да го продолжи договорот со кој се дозволува извоз на украинско жито преку Црното Море откако Москва го прекина своето учество.
Ердоган додаде дека се надева на напредок по разговорот на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Договорот за жито, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција во јули минатата година, имаше цел да ја ублажи глобалната криза со храната со тоа што ќе овозможи безбеден извоз на украинското жито блокирано од руско-украинскиот конфликт.
Русија денеска го прекина учеството во договорот, соопшти Кремљ, додавајќи дека делот од договорот што се однесува на Русија не е спроведен.
„И покрај изјавата дадена денеска, верувам дека рускиот претседател Путин сака продолжување на овој хуманитарен мост“, рече Ердоган додавајќи дека двајцата ќе зборуваат при враќањето на Ердоган од неговото патување во земјите од Заливот в среда.
„Ќе разговараме и за тоа како можеме да дејствуваме за да го отвориме патот за транспорт на руско ѓубриво и жито“, рече Ердоган додавајќи дека двајцата лидери ќе се сретнат лично во Турција во август.
Договорот за жито беше продолжуван неколкупати, но требаше да истече денеска. Русија со месеци вели дека условите за продолжување не се исполнети.
Москва долго време се жали дека пречките остануваат за нејзиниот извоз на жито и вештачки ѓубрива, иако тие не беа директно санкционирани од Западот, и презентира низа барања за кои рече дека не се исполнети.
Москва соопшти дека ќе се врати на договорот веднаш штом ќе се исполни рускиот дел од договорот.