Утрински Весник
Свет

Ердоган: Случувањата во Газа се пат до геноцид

Erdogan.jpg

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган на денешното отворање на Дипломатскиот форум во Анталија изјави дека настаните во Газа дефинитивно не се војна, туку пат до геноцид.

– Настаните во Газа секако не се војна, тоа е пат кон геноцид, бидејќи дури и војната има морал, правила и закони кои мора да се почитуваат. Варварство е што ги осудува бебињата во мајчините раце на глад и жед, бомбардира болници, цркви, џамии, училишта, универзитети, бегалски кампови и амбулантни возила и подмолно и нечесно ги гаѓа цивилите кои чекаат на ред за помош во храна, исто како вчера, посочи Ердоган.

Според него во Газа не се брутално убиени само деца, жени и цивили, туку убиена е и вербата на милијарди луѓе во меѓународниот систем, правдата и правото. Ердоган наведе и дека западните сили, кои безусловно го поддржуваат Израел од првиот ден, се соучесници во крвопролевањето.

– Уште еднаш ја повикувам меѓународната заедница искрено да ја поддржи Газа и палестинското прашање. Меѓународната заедница може да го плати својот долг кон палестинскиот народ само со формирање палестинска држава. Формирањето на независната држава Палестина, со источен Кудс како главен град, е неопходност. Турција е подготвена да преземе одговорност, вклучително и да биде гарант, истакна Ердоган.

На третиот Дипломатски форум во Анталија во следните три дена ќе учествуваат претставници на 147 држави, вклучително 19 претседатели, 73 министри и 57 претставници на меѓународни организации.

Можете да прочитате

Мелони: Новите трошоци за НАТО се прифатливи Италија

Нисан затвора седум фабрики, 20.000 луѓе остануваат без работа

Пилотите на авионите што го бомбардираа Иран летале 37 часа без прекин