Анкара смета дека е важно да се реши конфликтот меѓу Русија и Украина преку разговори што е можно поскоро, изјави денеска турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Претседателот Ердоган рече дека придава големо значење на напорите за што поскоро завршување на конфликтот меѓу Русија и Украина преку разговори, соопшти кабинетот на претседателот на Турција, пренесе ТАСС.
Анкара повеќепати излезе со идеја да посредува во преговорите меѓу Русија и Украина, наведува агенцијата, додавајќи дека Турција исто така била домаќин на разговорите меѓу руската и украинската делегација.
Во телефонскиот разговор со Путин, Ердоган рече дека ги разбира намерите на Русија да ги отстрани пречките поврзани со рускиот извоз на храна според договорот за жито, соопшти Кремљ.
Лидерот на Турција ја поздрави подготвеноста на Русија да ги продолжи договорите во Истанбул за извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море и да го деблокира извозот на руска храна и ѓубрива, се вели во соопштението на Кремљ по телефонскиот разговор.
Претходно денеска, кабинетот на Ердоган објави дека турскиот претседател му се заблагодарил на Путин за неговиот позитивен став за продолжување на иницијативата за жито во Црното Море.
Путин и Ердоган во телефонски разговор изразија задоволство од позитивниот тренд во билатералните трговски и економски односи, соопшти Кремљ.
Тие се фокусираа на итните прашања од руско-турското партнерство во различни области и изразија задоволство од позитивната динамика на трговско-економските односи, како и успешното спроведување на заедничките стратешки проекти во енергетскиот сектор.
Претседателот на Турција уште еднаш изрази искрена благодарност за помошта во справувањето со последиците од земјотресот во Турција, вклучително и неодамнешното распоредување на руската теренска болница во провинцијата Хатај.
Договорено е да се проучи и можноста за организирање на испорака на градежни материјали од Русија со цел обнова на уништената инфраструктура и станбени згради.