Утрински Весник
Свет

ЕП одобри осум милиони евра помош за поранешните работници на „Ван Хол“ во Белгија

Vanhol.webp.webp

Европскиот парламент со 598 гласа „за“, 48 „против“ и пет „воздржани“ го одобри барањето на Белгија за пакет помош во вредност од осум милиони евра преку Европскиот фонд за прилагодување кон глобализацијата за отпуштените работници (ЕГФ), за поранешните вработени на пропаднатата белгиска автомобилска компанија „Ван Хол“.  

– Европската автомобилска индустрија се соочува со невиден притисок од надворешни и внатрешни предизвици, како што се нарушување на конкуренцијата и високите трошоци за енергија, се наведува во одлуката на ЕП. 


Компанијата „Ван Хол“, која произведуваше автобуси, тролејбуси и приколки, прогласи банкрот во април 2024 година, по драстичниот пад на продажбата предизвикани од пандемијата на Ковид-19, последиците од руската агресија врз Украина, растот на инфлацијата и нарушувањата во синџирите за снабдување.  

Како резултат на банкротот, беа отпуштени околу 2.400 работници, од кои една третина на возраст од 50 години, во најголем дел со застарени вештини. 

Белгискиот пакет за поддршка на отпуштените работници опфаќа советување, помош при барање работа и обука за нови професионални и дигитални вештини. Неговата вкупна вредност е 9,4 милиони евра, од кои осум милиони преку ЕГФ и останатите 1,4 милиони евра ги обезбедува Фламанска служба за вработување и стручно образование (ВДАБ).  

Целта на ЕГФ е да им обезбеди помош и поддршка на лицата кои ги загубиле своите работни места поради преструктуирања поврзани со процесите на декарбонизација и автоматизацијата или поради неочекувани големи настани, како што беше пандемијата со Ковид-19 или руската инвазија врз Украина. 

Земјите членки можат да аплицираат за финансиска помош од ЕУ преку ЕГФ кога во кус временски период од една компанија ќе бидат отпуштени најмалку 200 работници. Барањата ги разгледува Европската комисија и доколку оцени дека ги исполнуваат критериумите за исплата на помош преку ЕГФ, ги доставува на одобрување до Европскиот парламент и Советот на ЕУ. 

Од 2007 година, преку ЕГФ е исплатена помош во 182 случаи во износ од 700 милиони евра на над 170.000 луѓе во 20 земји членки на ЕУ. 

Можете да прочитате

Галеб на покривот на Систинската капела го украде шоуто на конклавата

Украина има нов моќен дрон

Црн чад од оџакот на Сикстинската капела – без избор на Папа по првото гласање во Ватикан