
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, во пресрет на новогодишната ноќ ги посети дежурните служби кои и вечерва се грижат за безбедноста и здравјето на граѓаните.
Тој беше во посета на дежурните екипи на СВР Скопје, Противпожарната бригада и Брзата помош во Карпош, кои работат со 24-часовно дежурство за време на новогодишните празници.
„Додека градот блеска од радост и славје, овие луѓе тивко и неуморно се грижат Скопје да остане безбедно и мирно“, напиша Ѓеорѓиевски во објава на социјалните мрежи, упатувајќи им искрени честитки за празниците и желби за добро здравје и безбедно извршување на нивната благородна мисија.
Тој информираше дека СВР Скопје има изготвено посебен план за безбедност со засилени мерки, особено на централните градски локации каде што се очекуваат новогодишните прослави, со цел граѓаните Новата година да ја дочекаат спокојно и без грижи.
„Додека повеќето од нас ја пречекуваат Новата година со најблиските, овие тивки херои се на своите работни места – будни, подготвени и целосно посветени на заштитата на нашето здравје и безбедност“, истакна градоначалникот.
На крајот, Ѓеорѓиевски им се заблагодари за нивната пожртвуваност, професионалност и несебична служба, посакувајќи новогодишната ноќ да помине мирно и весело, со што помалку интервенции и со многу причини за радост за сите граѓани.


