Утрински Весник
Македонија

Eлон Маск ја основа „Американската партија“ откако се скара со Трамп

Ilon Maska So Donald Tramp.webp.webp

Само ден по анкета на платформата X во која ги праша следбениците дали САД имаат потреба од нова политичка партија, Елон Маск објави дека ја основал „Американската партија“, со цел – како што наведува – „да им ја врати слободата на граѓаните“.

„Во сооднос 2:1 рековте дека сакате нова партија – и ќе ја добиете. Денес е основана Американската партија!“, напиша Маск на X.


Овој потег доаѓа во момент на отворен конфликт со Доналд Трамп, со кого до неодамна беше во близок сојуз. Причина за разидувањето е новиот закон за намалување на даноци и државна потрошувачка, кој Трамп го потпиша во петокот и кој Маск жестоко го критикуваше, тврдејќи дека ќе ја доведе Америка до банкрот.

Маск, кој досега вложи стотици милиони во кампањата за реизбор на Трамп, најави дека ќе ја користи својата моќ и капитал за да се бори против конгресмени кои го поддржале законот. Тој водеше и Оддел за владина ефикасност под администрацијата на Трамп.

На прашање зошто од поддржувач станал критичар, Маск на X одговори:

„Зголемувањето на буџетскиот дефицит од веќе лудите 2 трилиони долари под Бајден, на 2,5 трилиони. Тоа води кон банкрот.“

Конфликтот ескалираше откако Трамп запрети со укинување на федералните субвенции што ги добиваат компаниите на Маск, како Tesla и SpaceX. Спорот се одрази и на берзата – акциите на Tesla, кои во декември достигнаа врв од 488 долари, во април загубија над половина од вредноста, а минатата недела се затворија на 315,35 долари.

Во редовите на Републиканската партија расте загриженоста дека судирот меѓу Маск и Трамп би можел да ги загрози шансите за зачувување на мнозинството во Конгресот на изборите во 2026 година

И покрај неговиот финансиски капацитет и влијание, аналитичарите предупредуваат дека разбивањето на двопартискиот политички систем во САД е речиси невозможна мисија, бидејќи демократско-републиканската доминација трае повеќе од 160 години. Сепак, појавата на Маск како политички актер со сопствена партија може да донесе нови пресврти во веќе поларизираната американска политика.

Можете да прочитате

Пренасочување на сообраќајот поради пожарот во околината на Блаце, забрана за товарни возила

Пожар кај Психијатриската болница „Скопје“, ситуацијата е стабилизирана

Мицкоски: Во тек е оглас за ангажирање на 400 пожарникари