Министерството за надворешни работи на Кина денеска соопшти дека оваа земја остро се спротивставува на планираната посета на претседателката на Тајван, Чаи Инг-вен, на САД на пат кон земјите од Централна Америка. Пекинг упати силен протест до Вашингтон преку дипломатски канали, додава кинеското Министерство за надворешни работи. Ова не е првпат да се зголемуваат тензиите меѓу САД и Кина во последните месеци, а оваа најнова драма доаѓа во време кога кинескиот претседател Шји Џјинпинг е во посета на Русија, каде што му беше домаќин на рускиот лидер Владимир Путин.
Портпаролката на кабинетот на претседателот на Тајван претходно објави дека Чаи Инг-вен ќе ги посети Гватемала и Белизе на 29 март преку Њујорк и Лос Анџелес.
Извори на „Ројтерс“ велат дека претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, планира да се сретне со Чаи во Калифорнија, но Тајпеј сè уште не ја потврдил оваа информација.
Кина претходно соопшти дека е сериозно загрижена за посетата. Висок функционер во Вашингтон рече дека тоа е стандардна практика и дека секој претседател на Тајван веќе патувал низ САД, како и самата Чаи Инг-вен – шестпати досега.
На сите претходни патувања низ САД, Чаи Инг-вен се состана со претставници на американскиот Конгрес, додаде официјалниот претставник.
Според него, Пекинг не треба да ја користи оваа ситуација како изговор за какви било агресивни дејствија кон Тајпеј.
Американскиот претседател Џозеф Бајден се надева дека набргу ќе разговара со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен сака да најде нов датум за неговото патување во Кина, кое беше откажано.
Оваа актуелна драма доаѓа во време кога кинескиот претседател Шји е во посета на Владимир Путин, пишуваат медиумите.
Посетата на Шји на Русија ќе трае од 20 до 22 март. Тоа е прво негово патување во странство откако беше реизбран за трет мандат за шеф на државата, но и од почетокот на војната во Украина.
Средбата дојде откога Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Владимир Путин.
Со овој потег, анализираат познавачите, Кина испрати силна порака и до Западот, а особено до САД, со кои веќе неколку години има големи тензии, особено за Тајван.
Колку се кревки и напнати односите меѓу САД и Кина, покажува и случајот од почетокот на февруари кога веста за кинески шпионски балон над САД го обиколи светот, пренесуваат медиумите во светот.
Кина негира дека балонот бил користен за шпионажа, но Пентагон се сомнева дека тоа е последната во серијата кинески мисии на висока надморска височина за испитување на одбраната на САД.
Американската војска подоцна објави дека кинески шпионски балон бил соборен над Атлантскиот Океан, а американскиот претседател Џозеф Бајден истакна дека мисијата на соборувањето била успешна. Секретарот за одбрана, Лојд Остин, рече дека кинеските власти го користат балонот соборен од САД над Атлантскиот Океан „за да ги надгледуваат стратешките локации во континенталниот дел на САД“.
Американската администрација одлучи да ја одложи посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Пекинг откако беше откриен кинески шпионски балон како прелетува над копното на САД. Појавата на балонот на небото над САД ги наведе официјалните лица да одлучат дека посетата на Блинкен на Пекинг сега ќе испрати погрешен сигнал, рекоа упатени официјални лица.
Американската војска подоцна собори уште три неидентификувани објекти над Северна Америка.
Во средината на март оваа година следуваа нови тензии меѓу САД и Кина во врска со подморниците на нуклеарен погон.
Кога Соединетите Американски Држави, Австралија и Обединетото Кралство открија дека Австралија ќе набави подморници на нуклеарен погон на почетокот на следната деценија, Кина рече дека трите земји „продолжија да чекорат по опасен пат“ и го нарече AUKUS незаконско ширење на нуклеарното оружје.