
Камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапи како дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал – Охридско лето, која годинава, за првпат, ќе биде претставена пред скопската публика. Концертот ќе се одржи на 29 ноември, во големата сала на Македонската филхармонија, во препознатливата candlelight атмосфера, под светлината на илјадници свеќи – амбиент кој ширум светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство.
Овој уникатен концепт, кој обединува минимална светлина и максимална музичка експресија, овозможува слушателот да се фокусира на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика што ја создава ансамблот.

-„Чест е што Охридско лето токму на Профундис му ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје. Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој музиката ќе прозвучи – искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината се во совршен дијалог, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент на Профундис.
Особена чест за оркестарот е соработката со ексклузивниот гостин-солист, виолончелистот Петар Пејчиќ, еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и солист кој веќе настапува со водечките европски оркестри.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ги спојува контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски и неговите Рококо варијации – создавајќи заедно музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и беспрекорна артистичност, идеална за свечениот candlelight амбиент.
Овој концерт е исклучителна можност скопската публика да го почувствува уметничкиот идентитет на Профундис – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена.
ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ (МК): Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да создаде професионален камерен оркестар кој ќе се посвети на изведба на сложени и предизвикувачки дела од класичната музика, а во својата програма вклучува и праизведби на дела од современи автори. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светски имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар.
„Профундис“ е оркестар кој се истакнува по својата иновативност и оригиналност, следејќи ги највисоките стандарди на европските и светски камерни оркестри. Во својата кратка, но богата историја, оркестарот имал настапи во престижни сали и на значајни фестивали, како „Kotor Art“, „Sofia Music Weeks“, „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ во Италија, Србија, Бугарија и Црна Гора, а неговите изведби во Македонија веќе се сметаат за културни настани од национално и меѓународно значење
ЗА ПЕТАР ПЕЈЧИЌ (СРБ): Петар Пејчиќ е еден од најдобрите млади виолончелисти на својата генерација, кој се издвои со својата изведувачка зрелост и креативност. Роден во музичко семејство, своите први часови за виолончело ги започнал со само четири години, а своето музичко образование го продолжил во Германија на Универзитетот за музика и театар „Феликс Менделсон Бархолди“ во Лајпциг, каде што учел под раководство на професор Питер Брунс. Денес, тој е ученик на престижната Академија Кронберг во класата на професор Франс Хелмерсон.
Петар е добитник на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари, меѓу кои се и наградата на Вториот меѓународен натпревар на Кралица Елизабета (Белгија), како и победата на натпреварите во Финска и Шпанија. Неговата техника и емотивен израз го поставуваат како еден од најзабележителните млади музичари на сцената. Тој свири на виолончело направено од Ѓузепе Гуарнери „филиус Андреа“ (1694, Кремона), позајмено од страна на институтот „Беарс Интернешнл Виолин Социети“.

