Утрински Весник
Македонија

“Ехото на акробатите” од Владимир Јанковски – добитник на наградата „Пегаз” за најдобар необјавен роман во 2024 година  

Fc5968cd 4642 B15b 108f 0798768bc0a6.jpg

Ракописот со наслов „Ехото на акробатите” од Владимир Јанковски е добитник на книжевната награда „Пегаз” за најдобар необјавен роман во 2024 година. Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „И” од Кристина Краличин, „Брчка или За болешливото здравје” од Филип Љ. Трајковски и „73 денови” од Иво Митев.

На шестиот конкурс за наградата „Пегаз”, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина” во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски”, пристигнаа 56 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), проф. д-р Ермис Лафазановски (Институт за фолклор, писател) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина”).

Во образложението на Комисијата се вели дека од пријавените 56 ракописи, педесет и два ракописи го исполнија условот за учество. Од нив 12 се вбројуваат во категоријата роман за деца и младинци, а 40 се романи-ракописи за возрасни.

„Во рамките на жанрот роман за возрасни, Комисијата го регистрираше поджанровското и тематско разнообразие на пријавените ракописи во дијапазонот од крими и љубовно заплетени наративи, преку научната фантастика, историографијата, мистификацијата, сатирата и разновидно постмодерно интертекстуални и интермедијални приоди и др., коишто отвораат широка панорама на писателските интенции во дадениот миг на книжевната и културната сцена во Македонија.”

Комисијата едногласно одлучи наградата „Пегаз” да му се додели на Владимир Јанковски за ракописот „Ехото на акробатите”, а својата одлука ја поткрепи со следното образложение:

„Романот ‘Ехото на акробатите’ од Владимир Јанковски, загатлив во поинтилистичкото и драмско заплетување на дејството, е вешто развиен во семејна сага во којашто заемно се огледуваат две епохи: денешницата како ехо на онаа што заврши со распадот на СФРЈ. На читателот постепено, дури отпосле му се открива оваа широка општествена слика, во која е воведуван и воден небаре ѕирка низ ниските сутеренски прозорци или низ оптиката на клучалката или оптиката на камерата за надзор. Вешто водената нарација која постојано го држи будно вниманието на читателот и постепено ја открива семејната фреска на приказната во која централното место му е доделено на таткото на фамилијата, загатнува напати небаре патем и многу значајни аспекти на пулсот на секојдневието. На изразното рамниште исписот го одликува лапидарен или кристално избрусен раскажувачки стил, та сета нарација е раскошна изведба на наративниот минимализам”, стои во образложението на стручното жири.

Владимир Јанковски (Скопје, 1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено седум книги: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ” (2023), „Скриени желби, немирни патувања” (роман, 2020), „Невидливи љубови” (роман, 2015), „Вечно сегашно време” (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град” (фотоесеи, заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи (фотоесеј, заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори со Влада Урошевиќ” (2008).

За романот „Скриени желби, немирни патувања” ја добил наградата „Роман на годината” и бил македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија, а за „Невидливи љубови” ја добил наградата „Рациново признание”. Активно се занимава со книжевен превод. На македонски јазик превел дела од Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Драго Гламузина, Кристијан Новак, Светлана Слапшак, Чарлс Буковски, Ден Роудс, Филип К. Дик, Сузан Сонтаг, Зоран Фериќ, Огнен Спахиќ, Андреј Николаидис, Мухарем Баздуљ, Слободан Шнајдер и други.

Годинашното издание на наградата „Пегаз” е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата. Наградата „Пегаз” е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

Во меѓувреме, отворен е и седмиот конкурс за наградата „Пегаз” за 2025 година. Можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни. Ракописите треба да ги достават самите автори, на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ, најдоцна до 1 јуни 2025 година

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца