Утрински Весник
Свет

Египет го предупреди Хамас дека има две недели да се согласи со договорот

Egipet.jpg

Египет го предупреди палестинскиот Хамас дека во следните две недели мора да постигне договор со Израел за предавање на заложниците и прекин на огнот и се закани дека во спротивно израелската армија ќе влезе во градот Рафа на крајниот југ на Појасот Газа, пишува Волстрит журнал.

Тајмс оф Израел потсетува дека Каиро ќе биде домаќин на разговорите кои започнуваат во вторник, на кои ќе учествуваат Израел, САД и Катар.

Високи египетски функционери, наводно, им рекле на своите израелски колеги дека нема да се спротивстават на операцијата во Рафа, под услов таа да биде изведена на начин што ќе ги избегне палестинските цивилни жртви, објави израелското воено радио.

Според радио станицата, пораката од Каиро укажува дека Египет може силно да го критикува Израел доколку започне офанзива против најјужниот град во Појасот Газа, но дека нема да дејствува на начин што би ја спречил израелската армија да ја спроведе операција.

Сепак, Египет во петокот го предупреди Израел дека секое масовно раселување на Палестинците во Синај ќе го загрози повеќедеценискиот мировен договор и блиските безбедносни врски меѓу двете земји.

„Има ограничен простор и висок ризик Рафа да биде нападната поради зголемениот број на Палестинци таму“, рече египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри на прес-конференција, предупредувајќи дека ескалацијата ќе има „страшни последици“.

Можете да прочитате

Во 2026 повторно ќе се плаќа такса за посета на Венеција

Русија ќе одговори доколку другите земји ѝ дозволат на Украина да го користи нивниот воздушен простор за напади

Марта Кос ги оцени инцидентите на локалните избори во Србија