Утрински Весник
Македонија

Едно лице фатено на дело при изнуда, прва успешна акција на Истражниот центар на ОЈО Битола

Ojo Bitola 1536x746 1.jpg

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во временскиот период од август 2024 година до септември 2024 година и повторно од март до средината на септември годинава, осомничениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со сериозна закана присилувал еден оштетен да му исплаќа пари.


Жртвата за првпат ја исконтактирал во август 2024 година кога му побарал и добил од оштетениот парична донација за учество на спортски натпревар. Но, по оваа средба, повторно го контактирал и барал пари од оштетениот за исплата на наводен долг кон трето лице, без притоа да наведе износ.

Оштетениот најпрво го игнорирал ваквото барање, појаснувајќи дека не должи никому, но тогаш осомничениот започнал да му испраќа СМС пораки, гласовни пораки, пораки преку социјалните мрежи и преку познати лица со сериозни закани дека ќе го нападне физички или ќе го убие ако не ги добие парите.

Осомничениот 42-годишник не престанал со јавувања и вознемирување на оштетениот, кој конечно се исплашил за себе и за своето семејство и прифатил да му даде парични средства на осомничениот, но тој да вети дека ако добие еднаш повеќе нема да бара пари од него. Во тој момент осомничениот побарал износ од 2.000 евра од оштетениот за наводно да ги однесе своите внуци од брат на одмор.

По пријава од оштетениот, истражители од Истражниот центар на ОЈО Битола во соработка со СВР Битола, изготвија план за контролирана испорака на паричните средства. Била договорена средба во деловните простории на правното лице каде оштетениот е управител. Осомничениот на средбата ги презел парите кои биле претходно крим – технички обработени. Веднаш потоа бил претресен од полициски службеници, парите биле пронајдени кај него, а тој бил лишен од слобода.

Станува збор за прва целосна оперативна акција на Истражниот центар на ОЈО Битола, реализирана во соработка со СВР Битола. Истражниот центар официјално започна со работа на 1 август годинава.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Можете да прочитате

На „Вардариште“ живеат над 200 лица, Тошковски вели потребен е системски пристап

Филипче: Хибридниот напад од странски центри е смешно алиби за неспособност на Мицкоски

Филипче: Ова е преседан, Мицкоски злоупотребува безбедносни институции за да ги прикрие кризите