Утрински Весник
Свет

Еден убиен во нова нарко пресметка кај бриселската метро станица „Клемансо“ 

20250216110307 Big 730x400 84.webp.webp

Едно лице е убиено синоќа на влезот од метро станицата „Клемансо“ во бриселската населба Андерлехт.

На снимките од безбедносните камери се гледа како лице облечено во црно и со качулка на главата со истрели од огнено оружје застрелува млад човек, по што се бега од местото на настанот. Жртвата, која според неофицијални информации е 19-годишен дилер на дрога, починала на лице место на влезот во станицата.


Лице кое било близу станицата во време на инцидентот, за државната телевизија ВРТ, изјави дека се слушнале три истрели.

Полицијата и натаму трага по напаѓачот, кој се уште е во бегство.

Според белгискиот весник „Либр“, во моментот на инцидентот полицајци стоеле на „само неколку метри“ од влезот на станицата.

Полициски извори претпоставуваат дека ова е уште инцидент е дел на тековната „војна“ меѓу криминалните банди за контрола на теренот, во чии рамки минатата недела во реонот околу станицата „Клемансо“ имаше три оружени инциденти, при кои загина едно лице, а друго беше рането.

Бриселското Јавно обвинителство соопшти дека во интерес на истрагата нема да дава дополнителни коментари за синоќешниот инцидент.

Набрзо по инцидентот местото го посети белгискиот министер за внатрешни работи и безбедност Бернар Квинтан, кој за денеска најави итни консултации околу криминалните пресметки во Брисел, а пред се во Андерлехт.

– Јасно е дека треба да преземеме дополнителни строги мерки, рече Квинтан.

Градоначалникот на Андерлехт, Фабрис Кампс, пак, изјави дека инцидентот се случил „и покрај засиленото полициско присуство на само 70 метри“.

– Тоа е показател дека овие негативци нема да запрат. Мораме да продолжиме да ја контролираме оваа локација, но тоа не е доволно. Треба да ги засилиме судските истраги за да ги разбиеме мрежите и оние што ги влечат конците, додаде Кампс.

Според него, реонот на станицата „Клемансо“ претставува „важна продажна точка за дрога“, од каде нарко дилерите дневно заработуваат и по 50.000 евра.

Поради, инцидентот неколку часа имаше делумен прекин на сите четири линии на бриселското метро, на една трамвајска и на неколку автобуски линии.

Можете да прочитате

Во Шпанија запленети над 5,7 тони хашиш – уапсени шест лица

Путин: Во Русија лани за тероризам биле осудени 1.075 лица

САД бара од Украина да ја заврши војната