Тајна е информацијата дали Обвинителството ќе прави поврзување помеѓу убиствата во Чаршијата и Бутел со оние во Грција и Косово. Додека обвинителите молчат, јавноста до детаљ ги поврза сите убиства – од тоа кој со кого се дружел, до тоа кој кому му должел и на кој клан му припаѓал. Суштинските прашања за сите ликвидации и натаму остануваат неодговрени. Нема осомничени ниту, пак, став дали сторители на сите убиства се истите лица што и натаму се на слобода. Во исто време, четири години се води истрага за пукањето во хотелот „Александар палас“, две години за убистовто на Камер Идризи кон кого се пукаше во Бутел 2, една година за убиството на неговиот брат Јонуз Идризи, застрелан на истото место. Обвинителството вели дека и натаму прави проверки.
„Јавното обвинителство не е во можност да објавува детали од криминалистички истраги, особено евентуални проверки во насока на поврзување конкретни кривично-правни настани. За да се расчистат настаните што се во надлежност на Јавното обвинителство, се преземаат сите потребни дејства“, велат од скопското Обвинителство за „Макфакс“.
Криминалните подземја се пресметуваат со години. Се знае дека раскараните кланови „Дуќанџик“ и „Беланоца“ некогаш носеле исти дресови. Пукањето во „Александар палас“, кое се случи во декември 2019 година, е од понов датум кое го памети јавноста. Цел беа „Дуќанџик“, напаѓаа „Беланоца“. Во хотелот беше и Камер Идризи, кој две години подоцна беше ликвидиран. Една година подоцна го убија и брат му Јонуз Идризи.
Годинава, имаше уште една ликвидација. Во кафулето „Шиша бар“ во Чаршијата со десетици куршуми беше застрелан и убиен Јетон Кривањева, наречен Жила, заедно со уште едно лице – Енес Исени. Минатиот месец беше убиен Блерим Даци во Приштина. Тој, пак, се врзуваше со двојното убиството на Жила и Есени.
Последно во низата е убиството во Грција, каде што ликвидиран е Орхан Бајрами-Оки, познат како неформален лидер на групата „Дуќанџик“. Дека се знаел со убиениот Жила и дека се дружеле, сведочат и фотографиите објавени на социјалните мрежи. Пред 14 години, исто така во јули, беше убиен Агим Шерифи од Синѓелиќ, кој е вујко на сега ликвидираниот Орхан Бајрами-Оки. Шерифи беше фрлен во депонија. Роднинската врска меѓу нив двајца е преку сестрата на Шерифи, чиј внук е Оки.
Ниту едно од овие убиства и пукања не се расчистени.