Основните училишта во Црна Гора денеска повторно беа евакуирани поради информациите дека во голем број од овие образовни институции биле поставени бомби.
Црногорската полиција соопшти дека информациите за бомбите биле испратени на имејл адресите на 19 училишта во Подгорица, Беране, Бијело Поље, Будва, Херцег Нови и Никшиќ.
Полициската управа ги презема сите мерки и дејствија во нејзина надлежност за заштита на наставниот кадар и учениците. Црногорските медиуми објавија дека во една од извештаите се наведува дека на теренот на училиштето се поставени многу бомби.
„Отсекогаш сонував за одмазда. Ќе се одмаздиме. Ќе дојдеме во училиште, ќе ги убиеме сите, никој нема да остане жив. Се ќе крвари. Покажете го на сите нашиот текст, сакаме сите да ги знаат нашите причини, бевме водени од омраза од раѓање, под земја ни гореше, такви како нас се пепел прават“ – стои меѓу другото во заканата што ја доби основно училиште во Подгорица.
Пред две недели, црногорското Министерство за образование нареди прекин на наставата во училиштата, откако во 93 црногорски училишта пристигна заканувачки мејл за поставени бомби.
Црногорската полиција подоцна соопшти дека со помош на нивните колеги од Чешка дошла до сознанија дека заканувачките пораки ги испраќал малолетник од таа земја.