Утрински Весник
Магазин

„Ејч-би-о“ го проширува светот на „Игра на престоли“

Image 2025 11 27 211151327.png

Продукцијата на „Ејч-би-о“ (HBO) го проширува универзумот на „Игра на престоли“ во минатото и иднината на Вестерос, но тоа не значи дека следи преработка на „неславната“ осма сезона.

Финалето од 2019 година беше огромно разочарување за многумина, а шест години подоцна, расположението речиси и не се промени. Серијата е сè уште една од најгледаните серии на „Ејч-би-о Maкс“, но и натаму се наведува како пример за серија со неубедлив завршеток. И, додека продукцијата го претвора светот на Џорџ Р. Р. Мартин во поголема сага, се истакнуваат претпродолженијата – „Куќата на змејот“, претстојниот „Витез на седумте кралства“, „Освојувањето на Аегон“ и други проекти. Мартин потврди дека се дискутираат и можни продолженија, што неизбежно ги зголеми надежите за „преобликување“ на осмата сезона. Сепак, сè уште е рано да се говори за можното продолжение и неговиот заплет, објави „Комикбук“ (ComicBook).

Прикажувањето на „Витез на седумте кралства“ ќе почна на 18 јануари претстојната 2026 година.

Продолжението на приказната, ако се претвори во нешто налик на 9. сезона, би можело да ги разработи некои од последните заплетени линии. Можна е разработка на случувањата со Џон Сноу и траумата по убиството на Денерис. За тоа се говореше и во контекст на откажаната серија „Сноу“, бидејќи, според гласините – не можеа да најдат доволно одржлив заплет.

Други нишки се патувањето на Арја на запад, владеењето на Санса со Северот, Брен како непосакуван крал…

Значи, проблемот не е само во заплетот, туку и во горчината што остана по „фамозната“ осма сезона. Финалето има лош углед, па некои обожаватели, според познавачите – веројатно нема да ѝ се вратат на приказната дури и ако продолжението е добро. Во таа смисла, за „Ејч-би-о“ би било можеби и подобро да создава нови приказни. Светот на Вестерос е доволно голем, се вели во анализата, и продукцијата веројатно би заработила повеќе пари ако се сосредоточи на своите нови приказни.  

Можете да прочитате

Зошто автомобилот троши повеќе гориво зиме

Полнети печурки со сирење – 24info.mk

Stranger Things: Сè што треба да знаете за петтата сезона