Утрински Весник
Македонија

„Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“ – потресното сведоштво на Росица Коцева пред убиството

548218554 1383224633229774 7725609986971225822 n.jpg

Росица Коцева и убиецот Илија Стефановски биле разделени од октомври 2024 година, но и покрај прекинот на врската продолжиле со повремена комуникација. Ова стои во исказот што жртвата го дала во обвинителството, пред да биде извршено двојното убиство и самоубиството кое ја потресе јавноста.

Во своето сведоштво, Коцева објаснила дека на крајот на декември минатата година, Илија ја повикал да му се придружи на патување во Бугарија, бидејќи добро го познавала јазикот и можела да му помогне околу неговите обврски. Таа прифатила со намера да му помогне.


„По завршувањето на обврските во Софија, на враќање кон Скопје, во еден момент настана караница помеѓу нас од причина што истиот бараше повторно да ја обновиме нашата врска, но од моја страна имаше негодување од неговото такво барање, при што во еден момент пробав и да ја отворам вратата од автомобилот, а тој се обрати кон мене со зборовите: ‘или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва’“, изјавила Росица.

По заканите, таа раскажала дека Илија ја убедувал да ја помине ноќта кај него во Скопје, а таа прифатила, но само ако биде присутен некој од нивните родители. „Сепак, штом пристигнавме во Ѓорче Петров, тој ја повика неговата мајка, но во истиот момент почна со малтретирање кон мене, при што ме удираше по целото тело и ме заклучи во неговиот дом. Не можам да се сетам колку време бев затворена, бидејќи немав телефон ни часовник“, сведочела жртвата.

Според нејзиниот исказ, во текот на ноќта Илија бил насилен и кон својата мајка, која се обидела да помогне. „Ја оттргнуваше од мене со сила, а јас ја молев да повика полиција. Но, и нејзиниот телефон беше одземен, па беше спречена да побара помош“, објаснила Росица пред обвинителот.

Следниот ден, таа успеала да го убеди Илија дека ќе побараат заедничка помош за да ја спасат врската. Тој се согласил и ја ослободил. Неколку дена подоцна, таа го пријавила случајот во полициската станица во Ѓорче Петров, а оттаму била препратена во Кисела Вода. Поради траумите и повредите, се јавила и во Ургентниот центар во Велес.

Ова сведоштво открива колку била загрозена безбедноста на Коцева пред трагичниот епилог и уште еднаш го отвора прашањето за институционалната заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Словачка, Ивета Хрицова

МЗ: Пациентот што почина на Онкологија е донесен во многу тешка состојба

(Видео) Сопруга на загинатиот полицаец во Кочани: Со поткуп, свекорот ја продаде смртта на мојот сопруг, оставка од Тошковски