Утрински Весник
Македонија

ДЗР: Слабостите во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат

20251120101818 big 730x400 42.webp.webp

Слабостите во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат, заклучува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Конечниот ревизорски извештај за работата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија за 2024 година, што денеска го објави  на својата веб-страница.

-Склучените договори за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм како и за фестивали бележат тренд на континуирано и значителено зголемување, особено во периодот од 2022 година до 2024 година, при што соодносот одобрен буџет/обврски по проекти изнесува 1 наспрема 5, што укажува дека во континуитет Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенцијата за филм за 2024 година. Со извршената ревизија за 2024 година изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Утврдените состојби со извршената ревизија за 2024 година упатуваат на заклучокот дека состојбите утврдени со Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година како и со ревизорските извештаи од претходниот период се повторуваат и утврдените слабости не се надминати, наведува ДЗР во соопштение.

Како што посочува, во 2024 година „постои континуирана промена на раководната структура што влијае на начинот на работењето и остварување на основната цел на Агенцијата за која е формирана“. Во извештајот е нотирано дека Агенцијата за филм „во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, што исто така влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Агенцијата. Тој недостиг го надополнува со ангажирање на лица по договор на дело, додава ДЗР, „без спроведена постапка за исполнетост на условите и квалификациите за соодветното работно место“.

-Обврските по неисплатени проекти по одобрени средства од буџетот на Министерството за култура и туризам за кои се склучени договори за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм како и за фестивали бележат тренд на континуирано и значителено зголемување особено во периодот од 2022 година до 2024 година. Соодносот одобрен буџет/обврски по проекти изнесува 1 наспрема 5, што укажува дека во континуитет Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет. Значителното зголемување на обврските на Агенцијата ги нарушуваат барањата на Законот за финансиска дисциплина како и начелото на сигурно финансиско управување предвидено со Законот за буџетите и може да доведе до судски постапки и трошоци по основ на камати. Пописот на средствата, побарувањата и обврските во Агенцијата за филм не е извршен, ниту е направено усогласување на искажаната состојба во деловните книги со фактичката состојба, иако за тоа биле донесени неколку решенија. Попис не е извршен ниту во претходните години, што претставува сериозен пропуст во финансиското управување. Агенцијата нема изготвена Стратегија за развој на филмската дејност, со што недостигаат јасни насоки за долгорочниот развој и приоритетите во оваа област, стои во извештајот на ДЗР.

Нотира и дека одговорните лица до Владата не доставуваат шестмесечни извештаи за работењето на Агенцијата, „што негативно влијае на транспарентноста и отчетноста во работењето“. Ревизорите утврдиле дека не е воспоставена ажурирана евиденција за филмските продуценти, дистрибутерите, киноприкажувачите, како и за филмовите снимени со средства од Буџетот на Република Македонија. Недостасува и евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина.

-Во текот на ревизијата е утврдено дека е извршено поништување на Конкурсот за финансирање на филмски проекти (игран, документарен и анимиран филм) без законски основ, што претставува прекршување на пропишаните процедури. Констатирани се слабости во постапката за спроведување на конкурсите за филмски проекти и фестивали, како и отсуство на интерен акт или процедура која би ги дефинирала правилата за спроведување на овие постапки. Причина за тоа е укинувањето на претходно важечкиот Правилник за поддршка на филмски проекти. Агенцијата не воспоставила целосни и навремени контроли во процесот на реализација на филмските проекти и фестивали. Недостасува документација од страна на продуцентските куќи за докажување на исполнетите услови, што укажува на ризик од ненаменско користење на доделените средства, стои во соопштението.

Ревизорите утврдиле слабости и во следењето на динамиката на реализација и исплатата на филмските проекти што, посочува ДЗР, „создава ризик од нефункционална распределба и користење на буџетските средства“. Евидентирано е дека е склучен договор за финансирање на проектни активности на здруженија од областа на филмската дејност без законски основ, „што претставува прекршување на законската рамка“.

Агенцијата нема организирана и воспоставена единица за внатрешна ревизија, иако тоа е законска обврска. Отсуството на ваква единица, укажѕва ДЗР, го ограничува капацитетот за внатрешна контрола и подобрување на квалитетот на работењето.

-Во делот на приходите, ревизијата утврди дека се користи стара и неажурирана Методологија за утврдување на надоместоците од 2015 година, иако постојат промени во законските акти кои ја уредуваат оваа област. Агенцијата донела Одлука за определување надомест за администрирање на филмските проекти доставени по конкурс, но истата нема законски основ и не е во согласност со постојните прописи. Исто така, е утврдено дека Агенцијата не располага со ажурирана евиденција за правните лица од кои треба да остварува приходи врз основа на својата дејност, што влијае на целосноста на финансиското известување. Не се врши ниту навремена изработка на решенија за пресметка на надоместите што доведува до задоцнета наплата и неефикасно управување со приходите. Во рамките на внатрешните процеси, не се воспоставени механизми за усогласување помеѓу службата што ги издава решенијата и сметководствената евиденција, што создава ризик од несогласувања во финансиските податоци. Исто така, ревизијата утврди дека продуцентите кои добиле средства по конкурси, а чии филмови се завршени и имаат премиера, не ја доставуваат комплетната документација за докажување на остварената бруто добивка од филмските проекти. Агенцијата при тоа не го остварува своето право на учество во добивката во висина од 50 проценти од сопственото финансирање, наведува Државниот завод за ревизија.

Ревизорите известуваат за потребата од доуредување на Законот за филмската дејност за потребните квалификации за именување членови на Филмскиот совет во делот за тоа кои лица се сметаат за истакнати поединци од областа на филмот и културата, како и за висината на банкарската гаранција која треба да ја обезбедат филмските продуценти.

Можете да прочитате

За пет години употребата на електронски цигари пораснала за десет проценти, потребни се промени во регулативата

Пожарникарите од Старо Нагоричане спасија куче паднато во шахта

Меѓународен ден на детето: Со мировно образование до праведно и инклузивно општество