Две лица загинаа, а три се повредени во несреќа со балон на топол воздух во Кападокија, Турција, соопшти канцеларијата на локалниот гувернер.
„ При спуштањето на балонот, во кој се превезувале 28 патници и двајца членови на екипажот, животот го загубиле двајца шпански државјани, додека тројца шпански државјани се повредени“ – се наведува во соопштението.
Се додава дека лекувањето на повредените продолжило во локалните болници и дека нивните животи не се во опасност, пренесува „Ројтерс“.
Според нив, несреќата била предизвикана од неочекувано зголемување на силата на ветерот при слетувањето.
Летањето со балон со топол воздух е една од најпопуларните атракции во регионот на Кападокија, над долините и вулканските формации познати како „самовилски оџаци“, потсетува британската агенција.