
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Здружувањето е една од најстарите и најприродни форми на човечко организирање. Луѓето се здружуваат кога имаат заеднички интерес, заедничка цел и подготвеност да ги почитуваат истите правила. Од мали локални здруженија, преку државни сојузи, па сè до големи меѓународни организации како European Union, принципот е секогаш ист: членството подразбира и права и обврски.
Ниту една сериозна заедница не се гради само врз желбата некој да биде дел од неа. Пред секое приклучување следува процес на проучување, анализа и прилагодување. Потенцијалниот член ги разгледува правилата, ги прифаќа вредностите и настојува да покаже дека е подготвен да ги исполни условите. Истовремено, и самата организација внимателно проценува дали новиот член ќе ја зајакне заедницата или ќе донесе нови предизвици.
Затоа членството не е само формален статус. Тоа е однос на доверба, во кој секоја страна знае што добива, но и што презема како обврска.
Во тој процес важна улога има и јавноста. Граѓанинот треба да знае што значи едно членство, кои се неговите придобивки и кои се неговите услови. Без разбирање и поддршка од јавноста, секој голем политички проект лесно може да остане само декларација на намери.
„Понекогаш, меѓутоа, во јавниот простор се појавуваат идеи кои звучат повеќе како алегорија отколку како сериозна политика. Една од нив е идејата за членство без право на глас. Таа првично се појави повеќе како неформална мисла во дипломатски разговори и политички вечери, како можна опција привремено да се забрза или „катализира“ процесот на проширување за повеќе држави. Но како таква беше брзо оспорена и во суштина отфрлена. Кај нас, пак, ваквата идеја беше дочекана со необична подготвеност – речиси како ученик што се радува на преодна оценка, иако знае дека не учел, но сепак се надева дека некако ќе помине.“
Таквата замисла потсетува на спортска сцена: како кога во фудбалски тим би се појавил дванаесетти играч кој смее да трча по теренот, но не смее да ја допре топката. Формално е дел од тимот, но суштински не учествува во играта.
Или да замислиме уште една ситуација. Некој клуб предлага да игра во UEFA Champions League, иако не е шампион во сопственото првенство, но свечено ветува дека можеби ќе стане шампион следната година. Во спортот ваквата идеја би звучела како духовита досетка, затоа што правилата се јасни: прво се освојува домашното првенство, па потоа се оди чекор понатаму.
Во сериозните системи правилата не се менуваат според желбите на кандидатите. Тие постојат токму за да обезбедат доверба, предвидливост и рамноправност меѓу членовите. Затоа идеите што ги раздвојуваат правата од обврските неизбежно оставаат впечаток на нешто што повеќе наликува на политичка алегорија – вистинска лакрдија – отколку на внимателно осмислена политика.
Можеби токму затоа хуморот и сатиричниот поглед на светот често ја објаснуваат политиката подобро од официјалните говори. Во многу познати дела од хумористично-сатиричната литература, апсурдите на општествениот живот се прикажани низ комични ситуации. Читателот се смее, но во исто време и препознава нешто многу реално.
На пример, денес во нашата држава, благодарение на законските измени во високото образование, многумина кои немале ни целосно средно образование успеваат по скратена постапка да дојдат до факултетски дипломи, па и до магистратури. Одтука се појавува шегобијната мисла: „Сега кога знам дека така лесно се дипломира на факултет, јас сега и средно ќе завршам!?“ – досетка која, иако насмевнува, има пошироко значење за очекувањата и реалноста во системот.
Во такви моменти човек не знае дали треба да се насмее или да се замисли. Насмевката доаѓа од апсурдноста на самата идеја, а размислувањето од прашањето што всушност стои зад неа.
Затоа и во политиката, како и во фудбалот, правилото е едноставно: или си на теренот со право да ја допреш топката, или чекаш на клупата додека не го стекнеш тоа право.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


