
На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на осуммината бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменикот на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци и спомен-плоча во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци.
Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев (ул. „Ѓорче Петров“) додека централна комеморативна манифестација ќе биде пред споменикот на загинатите бранители во Волково.