
Државната изборна комисија на вчерашната седница го усвои Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи за поднесување на кандидатски листи поднесени од група избирачи и начинот на определување на нотарите.
Согласно одлуката, се утврди бројот на потписи од граѓани потребни за кандидирање на независни листи за советници и кандидати за градоначалници да биде од најмалку двајца избирачи.
Одлуката следува откако Собранието не успеа да го измени Изборниот законик во делот на собирањето потписи каде првентствено беше пропишано дека зад независните кандидатури треба да стојат потписи од 0,95 проценти од запишаните избирачи во општината, но овој предлог не помина затоа што не се обезбеди бадентерово мнозинство.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко рече дека има поинакво мислење, дека независните листи треба да се кандидираат без потписи, но и дека ќе го поддржи предлогот.
„Ќе го поддржам овој Правилник бидејќи сметам дека тоа е во интерес на изборниот процес и непречено течење на сите дејствија од изборниот процес. Изборите се распишани, изборните дејствија се во тек и ДИК нема право и нема можност да ги одложи или да ги сопре изборните дејствија, рече Кондарко и посочи дека со оглед на состојбата во која е Државната изборна комисија, откако Собранието во два наврати не успеа да го реши ова прашање кое е во негова надлежност, ДИК ќе ги примени одредните од законот онакви какви што се.
„Сметам дека треба да биде без собирање потписи, но со Правилникот се предлага најмалку два потписи од два избирачи, што во суштина не менува ништо, заради што ќе гласам за овој правилник“ рече Кондарко.
Собирањето на потписите за поддршка на листите почнуваат 10 дена од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена, и се врши во редовно работно време на подрачните одделенија и канцеларии од 8,30 до 16,30 часот.