
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека за евентуални нови мерки во врска со порастот на цените ќе се почека до крајот на месецов. По завршувањето на претходните мерки, како што соопшти денес, дојде до очекувано зголемување на цените, но веќе постои стабилизација на инфлацијата. „По завршување на мерките дојде до одредено поскапување што беше и очекувано. Сепак важно е да се истакне дека инфлацијата во јуни беше за 0,8 проценти, а во мај за 1,5 проценти покачена,” рече Дурмиши.
Министерот додаде: “Иако забележавме раст на инфлацијата, се стабилизира. Ја гледаме инфлацијата по завршување на мерките. Нормално дека треба да се чекаат неколку месеци за да се стабилизира пазарот. Овој тренд укажува дека се стабилизира инфлацијата, информациите што ги имаме се дека ќе се стабилизира и во јуни. Ако ги видиме анализите на Државниот завод за статистика, во јуни имавме покачување кај Транспорт, за 2,9 проценти, кај земјоделски производи имаме многу проблеми бидејќи сме увозна држава, и кај берзанските производи како кафето,”.
Дурмиши потенцираше дека базичната инфлација, која бележи пораст, може да се контролира преку механизми од страна на Народната банка и Министерството за финансии, но тоа ќе биде возможно доколку се избегнуваат дополнителни интервенции како ограничувањето на маржите. “Во моментов работиме на долгорочно решение, како раст на домашното производство на храната, со што ќе се намали увозот, со што директно ќе се влијае врз инфлацијата. Во оваа стратегија се вклучени Министерството за земјоделство и други институции со цел да обезбедиме структурно и планско намалување на инфлацијата.”
Тој исто така најави дека идната недела ќе биде позната просечната потрошувачка кошничка, а методологијата за нејзината пресметка ќе биде доставена на првата седница на Економско-социјалниот совет. Петте сегментирани потрошувачки кошнички, најавени од премиерот Христијан Мицкоски, ќе се дефинираат заедно со советодавно тело.
Министерот за економија и труд дополни дека можна е и државна интервенција, бидејќи покрај цените на храната, има и други сегменти со раст на инфлацијата. “Можно е со други механизми од НБ и МФ. Има работна група која се среќава, со претстваници и од другите институции. Во тек сме, за кратко време ќе известиме кои ќе бидат чекорите. Сега чекаме да се стабилизираат работите и пазарот и ќе видиме ако има реално поскапување на цените кај основните прехранбено производи каде е интересот на граѓаните, па ќе излеземе со конкретно решение и предлози,” истакна Дурмиши.
Тој исто така најави: “Пребројувањето веќе е завршено, решенијата се потпишани, треба да се поделат и претпоставувам дека идната недела ќе ја имаме првата седница. Таму како точка ќе биде и методологијата на просечната потрошувачка кошничка, која е во завршна фаза и ќе биде доставена како предлог до сите членовина ЕСС и на работодавачите и на синдикатите. Ќе има една методогија која ќе ги опфати сите производи коишто се потребни за четиричлено семејство и секој месец ќе објавуваме колку изнесува. Се работи во таа насока, вчера имавме состанок, се формира советодавно тело со претставници од петте најголеми универзитети, од министерствата за финансии, земјоделство, економија и труд, од УЈП, ќе работиме во оваа насока.”
Министерот Дурмиши напомена дека почнале да работат и на другите пет потрошувачки кошнички. “Ќе имаме за пензионери, за студенти, за тричлено семејство, сите имаат различни потреби, пензионерите трошат повеќе за апчиња, младите за нешто друго. Во советодавното тело може да ги повикаме сите релеванатни институции и засегнати страни и секој ќе може да даде предлози, да одлучиме секоја недела да има состанок и да работиме на овие пет кошнички,” заврши министерот за економија и труд.