Утрински Весник
Македонија

Дурмиши: Новиот закон ќе дозволи ангажирање на пензионери и студенти без губење на социјални бенефиции

Foto.jpg

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска во Собранието ја презентираше јавната расправа за Законот за работно ангажирање на лица, кој ќе донесе значајни промени во начините на кои ќе се ангажираат работници во Македонија. Овој закон е дел од владината стратегија за намалување на сивата економија, обезбедување социјална заштита за работниците и создавање поволни услови за легално ангажирање, особено во сезонски и повремени работни места.

Како што објасни министерот Дурмиши, главната цел на Законот е да се зајакне формалната економија и да се спречи иселувањето на младите од државата, овозможувајќи им на македонските компании да ангажираат работници преку законски и регулирани процеси. Воедно, предлогот ќе овозможи работниците, вклучувајќи пензионери и редовни студенти, да бидат ангажирани без да ги изгубат други бенефиции, како што се социјалната и детската заштита, или правото на паричен надомест од невработеност.


„Со овој закон се дава шанса на работниците да заработуваат легално, да плаќаат даноци и да придонесуваат за економијата, додека компаниите ќе добијат рамка за развој и проширување на нивните дејности“, нагласи Дурмиши, додавајќи дека овој закон ќе има долгорочни придобивки за сите, преку зголемена лична потрошувачка и одржлив економски развој.

Во рамки на законот, Министерството за економија и труд предложи три клучни области за ангажирање на работници: земјоделство, шумарство и рибарство, угостителски услуги за сместување и храна, и домашни дејности. Работниот ангажман ќе се врши преку нов регистар за евиденција на работно ангажирање, што ќе биде управуван од Агенцијата за вработување на Република Македонија, а наплатата на даноците и придонесите ќе биде интегрирана со системот на Управата за јавни приходи.

Дурмиши истакна дека со овој закон се создава поедноставена постапка за ангажирање на работници на повремени и сезонски работни места, што ќе донесе многу придобивки и за работниците и за работодавачите. Преку регулацијата на неформалната економија и поттикнување на формализацијата на работните места, владата очекува да се создадат услови за подобра економска стабилност, како и за зголемување на државните приходи.

Можете да прочитате

Искршена камера кај домот на Вања, уништена е во вторникот вечерта

Таравари не остварил средба, но телефонски разговарал со Ахмети

Казна до 10 илјади евра за непочитување на обврската за објавување на цените на веб-страниците