
Министерството за економија и труд во моментов не планира воведување нови рестриктивни мерки, ниту ограничување на профитната бруто-маржа или на цените на прехранбените производи, информира министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Според него, состојбата на пазарот е стабилна, а официјалните податоци укажуваат на благ пад на трошоците за живот во делот на храната.
Дурмиши посочи дека последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат оти во декември минатата година цените на храната и безалкохолните пијалаци се намалени за 0,4 проценти.
„Засега не гледаме причина да преземаме ограничувања на профитната бруто-маржа или на цените. Секојдневно ја следиме состојбата во комуникација со Државниот пазарен инспекторат и доколку има енормни зголемувања, подготвени сме да реагираме“, изјави министерот, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој информираше дека во текот на минатата година Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) спровел над 20.000 инспекциски надзори, при што биле изречени казни во вкупна вредност од 2,5 милиони евра. Според Дурмиши, санкционирани биле трговци кои неоправдано профитирале на грбот на граѓаните, а контролите ќе продолжат со засилен интензитет.
„Ако повторно се појави енормно зголемување на цените како во минатото, ќе реагираме и ќе преземеме мерки“, нагласи министерот.
Најновиот извештај на ДЗС покажува дека индексот на трошоците за живот во декември бележи годишно зголемување од 4,1 отсто, додека индексот на цените на мало е зголемен за 3,7 отсто во однос на истиот месец претходната година. Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците за живот, во декември е зголемена за 0,4 отсто во споредба со ноември.
Растот на трошоците за живот, според статистиката, најмногу се должи на зголемувањето на цените во транспортот, каде е забележан пораст од 5,8 отсто. Истовремено, намалување на трошоците е регистрирано кај храната и безалкохолните пијалаци за 0,4 проценти, како и кај облеката и обувките за 0,2 отсто.
Во декември, премиерот Христијан Мицкоски исто така изјави дека не се планира воведување нови мерки, но најави засилени теренски контроли од страна на ДПИ и Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се утврди дали постои картелско здружување и договорно утврдување цени меѓу трговските синџири.

