Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави денеска во селото Пржеводов, каде што ракета уби две лица, дека властите на Украина можат да учествуваат во полско-американската истрага за тој инцидент само врз основа на меѓународното право.
„За да може да се зборува за учество во истрагата, мора да се применат соодветните прописи на меѓународното право. Ова е секогаш во опсегот на правната помош. Доколку гостите од Украина сакаат да видат како се води истрагата, може да учествуваат во истрагата, да се добие увид во документи, информации, што веќе бара конкретни основи според меѓународното право и договори“ – рече Дуда.
Во Пржеводов, во источна Полска, каде што се верува дека украинска противвоздушна ракета паднала во вторникот и убила двајца селани, работник во складиште за жито и земјоделец, Дуда разговарал со семејствата на загинатите и ја обиколил локација на несреќата.
„Според нашето верување и верувањето на експертите, се случи несреќа, апсолутно ненамерна. Ракетата не беше насочена кон Полска, не може да се гледа како напад на Полска. Војна се одвива надвор од нашите граници. Русија испука неколку стотици проектили против Украина“ – рече Дуда.
Полскиот претседател оцени дека смртта на двајца Полјаци, предизвикана од експлозијата „на некој начин е заедничка полска и украинска трагедија“.
Тој изрази разбирање за тврдењата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дека проектилот бил истрелан од Русија и не е украински, иако Полска, САД и НАТО потврдија дека станува збор за украинска ракета која пресретнала руска.
„Разговарав со Зеленски. Тоа е тешка ситуација за Украина, има силни емоции, има огромен стрес. На претседателот исто така му е тешко да го доживее она што се случува со неговото општество, за што чувствува одговорност“, им рече Дуда на новинарите.