Утрински Весник
Македонија

Државниот врв го честита 23 Октомври: „Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината“

Државниот врв го честита 23 Октомври: „Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината“

Државниот врв упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

dobivaj vesti na viber

Претседателот Стево Пендаровски порача дека на овој датум се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893-та година ја формираа Македонската револуционерна организација.

„Инспирирани од оваа идеја, генерации родољуби се вклучија во долгата борба за слободна македонска република, втемелена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера. Таа храбра визија што ги поврза Илинден 1903 и АСНОМ 1944, конечно се реализираше на 8 септември 1991 година во независната македонска држава“, рече Пендаровски.

Претседателот во честитката наведе дека нашата генерација минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност. Европа и светот се соочуваат со економска и енергетска криза што беа иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени поради војната во Украина. За успешно да се справуваме со овие предизвици, вели Пендаровски, треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме Република Северна Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции.

„Како земја во која ќе владее правото а неправдата е санкционирана, во која младите генерации ќе можат достоинствено да живеат со еднакви можности за напредок“, стои во честитката од претседателот.

Првиот човек на законодавниот дом, Талат Џафери од негово име и од името на пратениците посака убав празничен ден, поминат во кругот на блиските и драги луѓе.

„Споменот на старите битки кои не’ довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот. Нека бидат поука дека заемното почитување, разбирање, единственоста и заедништвото во напорите за градење на современа, демократска и напредна држава единствено може да не вброи во земјите со успешна приказна. Направивме исклучително тешки чекори, нови и непознати стојат пред нас, меѓутоа, ако сме искрено и заедно на тој пат, ништо нема да не поколеба!

Драги граѓани, нека е честит 23 Октомври“, вели Џафери.

Честитка упати и премиерот Димитар Ковачевски кој пак рече дека без македонските револуционери, нивната прогресивност, нивната силна желба за слобода и правда, незамислив е континуитетот на ослободителната борба и вековниот идеал за независна македонска држава. Нивната храброст и одлучност е мотив ние денес гордо и достоинствено, обединети и со забрзан чекор да ги остваруваме државните цели.

„Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината. Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба”, порача Ковачевски.

 

Можете да прочитате

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј

Кос: Македонија да го промени Уставот и потоа навистина да го забрзаме процесот

Министерот Таравари по вчерашниот колапс се одмара дома