Полагањето на државната матура за средношколците како концепт треба да се задржи, но треба да се осовремени и да се прилагоди согласно новите технолошки трендови, потребите и барањата на пазарот на труд. Сепак, приемниот испит на факултетите е неопходен за валоризирање квалитетот и нивото на знаење на ученикот. Кога станува збор за реформирањето, сериозно треба да се размислува за начинот како државната матура ќе се реализира, со цел да се изнајде механизам за потврдување на знаењето на средношколците. Секако, мора да се земе предвид и стандардот за оценување, односно да се работи на едукација на наставниот кадар за да стекнат компетенции за правилно валоризирање на знаењето на учениците. Реформирањето на државната матура не е едноставен процес, но доколку се вклучат сите засегнати страни ќе се изработи долгорочна стратегија за образованието на новото време, односно за образованието кое е потребно за иднината.
Ова е заклучокот од денешната дебата организирана од Американскиот универзитет на Европа – ФОН на тема „Државна матура или приемен испит на факултет“ на која учествуваа поранешни министри за образование и наука, професори од средните училишта, професори од државни универзитети и претставници на средношколците.
Поранешниот министер за образование и наука, Никола Тодоров оцени дека државната матура и поранешниот концепт за полагање на приемен испит на универзитетите имаат свои предности и слабости, но и можности за „провлекување“ преку „врски“. Затоа, сè зависи од квалитетот и нивото на знаење со кои се стекнуваат учениците и од квалитетот и изедначеноста на критериумите за оценувањето.
„Доколку учениците имаат квалитетни знаења кои се компетитивни со нивните врсници во светот и доколку постои систем кој гарантира релативно изедначен критериум за оценување, тогаш ирелевантно е дали ќе преовлада концептот на државна матура или концептот на полагање на приемен испит. Но и обратно, доколку нивото на знаење е ниско, а оценките кои ги учениците ги добиле на државната матура не соодветствуваат со нивото на знаење, тогаш и да се промени концептот повторно ќе добиеме ист негативен резултат. Работите нема да се променат ако се промени начинот на тестирање, без притоа да се промени клучниот фактор, а тоа е квалитетот и нивото на знаење на ученикот во услови на стандардизиран критериум за оценување“, оцени Никола Тодоров, поранешен министер за образование и наука, кој во моментов е адвокат.
„Државната матура, како завршен дел на средното образование, има за цел да послужи и за селекција на кандидатите за запишување на високото образование. Одлуката за прием на кандидатите, факултетите ја носат исклучиво врз основа на успехот од средно училиште и резултатите од државната матура. Меѓутоа, испитната програма многу често не соодветствува со потребите на високото образование. Дополнително, постои можност за упис и на кандидатите кои на државната матура полагале предмети кои се несоодветни за студиската програма на која конкурираат. Како резултат на тоа, во прва година на факултетите се случува да се запишат студенти кои не ги поседуваат соодветните предзнаења и имаат сериозни потешкотии во следењето на наставата. Приемните испити би овозможиле надминување на овие недостатоци“, истакна Соња Геговска – Зајкова, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и во моментов продекан за настава.
Државна матура или приемен испит, според директорката на СМУГС ,,Д-р Панче Караѓозов” Маја Салиу како тема е навистина комплексна. Таа го преферира приемниот испит затоа што секоја високообразовна институција е најкомпетентна да одреди ниво на минимум потребни предзнаења за продолжување на образованието кај нив.
„Од друга страна заокружување на средното образование како форма мора да се задржи, макар и како државна матура, но со модификации. Вака како што е поставено, еве со тривијален пример – непознавањето на стих од Бодлер може да ограничи ученик од средно медицинско да се запише на факултет за медицина. Секако дека генерички знаења се потребни, па затоа тестовите треба да опфаќаат поопшти познавања. Факт е дека стандардизираните тестови одредуваат најмногу кои ученици се добри во решавање таков вид тестови и не нудат вистинска, комплетна слика за способностите на ученикот“, смета директорката Салиу.
И според Сојузот на средношколци, државната матура е подобро решение од приемните испити, но потребно е подобрување на концептот. На денешната дебата генералниот секретар на Сојузот, Влатко Стојкоски истакна дека матурските испити овозможуваат стандардизирана проверка на знаењата и вештините, како и соодветна споредба на оценките. Сојузот смета дека треба итно да се донесе новата концепција за државната матура која ја зголемува сериозноста, ригорозноста и екстерноста на овој мошне сериозен процес.
(ПР текст)