
Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и остро реагира на фотографиите објавени од паркингот на Министерството за внатрешни работи, на кои се гледа осветување на новите службени полициски возила. Според партијата, ова не е „традиција“, туку, како што велат, јасно кршење на принципот на секуларна држава.
-Обредот не е извршен во приватен простор или верски објект, туку во полицискиот двор, на службени државни возила, во рамките на институција за јавна безбедност. Таквото дејствие е целосно неприфатливо во држава која е секуларна по Устав и со мултиетничка и мултиконфесионална реалност.
Полицијата на Република Северна Македонија е државна институција која мора да им служи на сите граѓани подеднакво, без оглед на етничката припадност и верата. Таа не припаѓа на ниедна религија и не смее да создаде перцепција дека постои доминантна религија или „официјална религија“ во рамките на државните институции, посочуваат од ДУИ.
Според партијата, кога државните простори и средства се користат за ритуали само од една вера, пораката до другите е исклучувачка и опасна: дека јавните институции се идентификуваат со една религија, потценувајќи ги и исклучувајќи ги другите.
-Ова не е невина симболика, ова е институционализација на религијата и директно кршење на Уставот. Особено е навредливо што овие возила се купени со парите на сите даночни обврзници и ќе ги користат полицајци од различни вери. Никој нема право да ги „обележува“ јавните институции со симболиката на една вера. Државата е заштитена со закон и Устав, а не со осветената вода на свештеникот, потенцираат од партијата на Али Ахмети.
ДУИ бара итно јавно разјаснување кој го одобрил обредот, врз која законска основа и за која цел и исто така бара институционална одговорност за секој функционер кој дозволил или не спречил користење на државни простори и средства за верски ритуали.



