
Основното јавно обвинителство Скопје започна истражна постапка против тројца скопјани на возраст од 20, 26 и 21 година, осомничени за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во периодот од ноември 2024 до март 2025 година, осомничените заедно со непознати лица чувале марихуана и амфетамин на неколку локации низ Скопје, вклучувајќи импровизирани бункери во општина Бутел.
При полициски претрес на осум различни локации, откриени се над 800 грама марихуана, помало количество амфетамин и предмети со траги од дрога. Вештачењата на папиларни линии и ДНК материјал ги поврзуваат осомничените со пронајдените наркотични средства.
Јавниот обвинител до судот поднесе предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.