Од јавното претпријатие Дрисла ги повикаа грдоначалниците на општините Кисела Вода и Аеродром, Орце Ѓеоргиевски и Тимчо Муцунски, да кажат каде го фрлале сметот досега бидејќи договорите со депонијата им истекле уште од март.
Од јавното претпријатие им порачаа на Ѓеоргиевски и Муцунски да бидат поодговорни кога даваат изјави и да престанат безочно да лажат, особено, како што велат, поради тоа што веќе e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина.
„Имено, ниту општина Аеродром, ниту општина Кисела Вода немаат потпишан договор со ЈП депонија Дрисла Скопје бидејќи истиот им е истечен во март месец. Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП депонија Дрисла Скопје, единственото предвидено место за одложување на отпад?
Дали креирале и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии кои ги исчисти градот Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?“ прашуваат од „Дрисла“.
Оваа реакција следува по денешните изјави на скопските градоначалници, кои ја повикаа „Дрисла“ да ги отвори рампите за да можат со нивната механизација да го достават сметот, што се насобра деновиве по улиците на Скопје поради бунтот на вработените во „Комунална“.